На 10 февруари се навршуваат осум години од трагичната загуба на Калина Велевска, млада планинарка со голема љубов кон природата и неизмерна страст кон планините. Таа имаше само 26 години кога, заедно со уште еден љубител на планините, Александар Миновски, падна во бездна на врвот Кајмакчалан и го загуби својот живот. Трагедијата ја потресе заедницата, а оние кои ја познаваа Калина зборуваа за нејзината светлина, искреност и енергија која оставаше трајна добрина во срцата на сите околу неа.
Калина не беше само посветена планинарка – таа беше личност која со својот дух и љубезност умееше да ги инспирира другите. Планинарските патеки, врвовите и тишината на природата беа нејзин свет, каде се чувствуваше најживо и најслободно. Нејзината љубов кон планините не беше само хоби, туку начин на живот, начин на кој го гледаше и го ценеше светот околу себе.

Нејзиниот живот и личност оставија траен траг и кај оние кои со неа имале кратки, но значајни средби. Меѓу нив е и Петар Георгиевски – Камиказа од групата „Меморија“, кој откри дека токму Калина била причината да отвори Фејсбук и да започне искрен и човечки контакт со луѓето околу него. Во една случајна средба на Водно, Калина го потсетила на важноста на внимателниот, емотивен однос и со својот дух оставила впечаток кој Петар го памети и ден-денес. Таа мала, но значајна интеракција му покажала дека дури и најкратките моменти може да имаат длабоко влијание врз животот на другите.
Иако животот ѝ беше прекинат предвреме, сеќавањата на Калина продолжуваат да живеат – во спомените на семејството, пријателите и сите кои ја сретнале на патеките. Нивната трагедија, но и човечната врска што ја остави Калина, потсетуваат дека вистинската вредност на животот се мери не само со времето што го имаме, туку и со светлината и љубезноста што ги оставаме во срцата на другите.

Во продолжение, ви го пренесуваме целиот статус кој музичарот го објавил во 2015 година.
„Фејсбук 2015. До лани на овој ден немав Фејсбук. Многу луѓе што ми значеле ги имав некаде во фајловите низ главата, но со отварањето на профилот ми ја освежија меморијата…
Благодарение на лажниот профил што го направило некое магаре и еден искрен муабет со едно убаво девојче, планинарка на Водно, ние денес имаме електронски однос кој јас се трудам да го направам што поемотивен и човечки. Колку ми успева – тоа вие си знаете. Кратко, ми приоѓа девојчево на Водно:
‘Сѐ е супер, ве гледам по планини, трчате, колку што знам свиревте и во ‘Меморија’, ама малку претеравте со безобразукот!’.
Јас ја прашувам каде тоа сум претерал?
‘На Фејсбук’, вели таа. ‘Френдови сме, па ми пишувате многу вулгарни работи!’.
‘Јас немам Фејсбук’, одговарам.
‘Е како немаш?!’, го отвара телефонот и ми покажува профил со моја слика од времето кога глумев во ‘Пикасо’, од трка и од ‘Меморија’ спотот за ‘Црна се чума зададе’.
Гледам и френдови собрал фраерот, ама направил една грешка, ја запишал својата година на раѓање, 1964. Ја вадам личната карта и викам: ‘Јас сум малку постар од ова лажно магаре! Го украл идентитетот, ама душата и делата никако не можат да се украдат. Еве ти ветувам, од утре ќе имам свој Фејсбук профил, па од тука цени каков сум и што сум’.
Девојката која беше крива за да отворам Ф.Б. е Калина Велеска, која пред неколку години трагично загина заедно со уште...
Posted by Petar Georgievski - Kamikaza on Sunday 25 January 2026
Се напивме по еден чај, ѝ се извинив без разлика што немав за што, и се разделивме со ветување дека таа ќе ми биде првиот Фејсбук пријател. Така и би! И денеска се гледаме на Водно, и од далеку ме поздравува, ми кажува што читала и се радува што ме запознала. И јас исто така...
Значи секое зло за добро, вие ме имате мене, јас ве имам вас. А тоа магарето со лажниот профил кој го....
Наздравје една година дружба!
Ветувам нареднава многу поинтересни содржини.
Искрено, ваш ФБ пријател Петар Георгиевски – Камиказа.“










