Американскиот пејач и ријалити-ѕвезда Реј Џеј предизвика загриженост кај јавноста за својата здравствена состојба, откривајќи дека, според зборовите на лекарите, му останале уште само неколку години живот.
Имено, во видеоснимка објавена во вторник вечерта, 45-годишниот Реј Џеј изјавил: „2027 дефинитивен крај за мене. Така велат докторите“.
Видно потресен, ја спуштил главата додека неговиот пријател се обидувал да го охрабри и му велел да не прифаќа такви прогнози.
Пејачот признал дека со години живеел премногу интензивно, истакнувајќи дека дал сè од себе за семејството. Нагласил дека неговата поранешна сопруга Принцес Лав и нивните две деца ќе бидат финансиски обезбедени, додавајќи дека слободно можат да ги трошат парите што ги остава зад себе. Исто така, изразил желба по смртта да биде кремиран, а не погребан.
Реј Џеј им се заблагодарил на родителите и на сестра му Бренди, кои, како што тврди, му помогнале во лекувањето и ги презеле трошоците за медицинската нега до крајот на годината.
Неколку дена претходно, пејачот во друго видео открил дека срцето моментално му функционира со само 25 отсто.
„Срцето ми работи со само 25 отсто, но сè додека останам фокусиран и на вистинскиот пат, сè ќе биде во ред, затоа ви благодарам за сите молитви“, рекол тој.

Според претходните наводи на ТМЗ, Реј Џеј на почетокот на јануари бил хоспитализиран поради тешко воспаление на белите дробови, откако почувствувал силни болки во пределот на срцето. Сличен здравствен проблем имал и во 2021 година, кога исто така бил хоспитализиран во Мајами.
Освен здравствените проблеми, пејачот се соочува и со бројни приватни и правни предизвици. Во септември тврдел дека подготвува случај против Ким Кардашијан и Крис Џенер, обвинувајќи ги за манипулации поврзани со објавувањето на неговата секс-снимка од 2007 година. Тие возвратиле со тужба за клевета, а Реј Џеј потоа поднел противтужба.
Во декември минатата година дополнително доспеал во фокусот на јавноста откако бил уапсен поради наводни закани со оружје за време на расправија со својата одвоена сопруга Принцес Лав, која во февруари 2024 година по четврти пат поднела барање за развод на бракот.








