Почина мексиканскиот актер Алексис Ортега, познат по тоа што во шпанските синхронизации му го позајмувал гласот на Спајдермен. Имал 38 години, а причината за смртта сè уште не е објавена, пишува „Daily Mail“.
Кариера со Спајдермен
Ортега станал познат давајќи му глас на ликот што го толкува Том Холанд во филмовите на Марвел. Улогата на Спајдермен ја презел во филмот „Капетан Америка: Граѓанска војна“ (2016), а потоа и во „Спајдермен: Враќање дома“ (2017) и „Одмаздници: Војна на бесконечноста“ (2018).

Неговиот глас бил користен и во филмови како „Роуг 1: Приказна од Војна на ѕвездите“, „Потрагата по Дори“ и „Екипа за 6“. Кариерата ја започнал во 2013 година, а покрај синхронизацијата, остварил и улоги пред камера во серии како: „Luis Miguel: The Series“, „Thursday’s Widows“, „El Candidato“ и „The House of Flowers“. Во моментот на смртта работел на шпанската верзија на содржини на јутјуберот Мистер Бист.
Обожавателите се простуваат
Веста за смртта на Ортега прв ја објави порталот „World Dubbing News“. „Со тага ја објавуваме веста за заминувањето на актерот Алексис Ортега. Изразуваме сочувство до неговото семејство, пријателите и колегите“, стои во нивната објава. По објавата, бројни корисници се простија на социјалните мрежи, изразувајќи жалење поради неговата прерана смрт.
„Почивај во мир, Алексис Ортега. Ти благодарам што гласовно ги оживеа ликовите како Спајдермен на Том Холанд и Тадаши Хамада“, напишал еден корисник.
Други го коментирале неговиот глас во улогата на Спајдермен. „Звучеше свежо и му одговараше на Том Холанд. Ми се допаѓа емоцијата што ја внесе во изведбата“, стои во една од објавите. Еден корисник напишал дека гласот на Ортега му бил „најомилениот глас за Спајдермен на Том Холанд“.

„Беше млад. Го сакав неговиот глас како Спајдермен. Моето сочувство до семејството“, додал трет корисник.









