[ВИДЕО] Камионџиите ја проширија блокадата на граничните премини, заострените шенгенски правила го блокираа товарниот сообраќај на Балканот

Макфакс

27/01/2026

12:04

489

Големина на фонт

а а а

Возачите на камиони од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора денес продолжија со блокадите на граничните премини за товарен сообраќај.

Откако претходниот ден ги блокираа излезите, од полноќ почна и блокада на влезовите во овие земји од Западен Балкан, јавува „Радио Слободна Европа“.

Возачите ги блокираат товарните терминали поради заострените процедури за влез во Шенгенскиот простор. Тие наведуваат дека процедурите сега се покомплицирани и дека им го скратуваат дозволениот престој во земјите на Унијата.

Бараат престојот во Европска Унија да им биде зголемен на четири месеци, наместо досегашните три месеци во период од шест месеци.

Најавуваат дека блокадите ќе траат седум дена доколку претходно не се најде решение.

Портпаролот на Европска комисија, Маркус Ламерт, на 26 јануари изјави дека европските институции размислуваат и работат на пронаоѓање опции кои би овозможиле одредени професионалци, меѓу кои и возачите на камиони, да престојуваат на територијата на Шенгенската зона подолго отколку што тоа го дозволуваат важечките шенгенски правила.

„Свесни сме дека за одреден број професионалци од трети земји кои не се прекугранични работници може да постои потреба да останат во Шенгенскиот простор подолго од 90 дена во рок од 180 дена. Тоа ги вклучува професиите со висока мобилност, како што се возачите на камиони, но и спортистите и уметниците на турнеи“, изјави Ламерт.

Тој додаде дека Европската унија е свесна за загриженоста што ја изразиле транспортните оператори во регионот, дека внимателно ја следи состојбата и дека е во контакт со партнерите од Западен Балкан.