[ВИДЕО] Сцена од осамен пингвин од документарец од 2007 година стана инспирација за многу мемиња: „Јас, додека бегам од моите проблеми“

Точка

26/01/2026

21:30

423

Големина на фонт

а а а

Сцена од документарниот филм „Средби на самиот крај од светот“ (Encounters at the End of the World), кој го режираше Вернер Херцог во 2007 година, деновиве стана вирална на социјалните мрежи.

На социјалните мрежи, пингвинот е опишуван како „бунтовник“ или „нихилист“, а некои корисници пишуваат и коментари со шеговита конотација, односно животното полека прераснува во нов мим.

„Кога ќе ти дојде преку глава од сè!“, „Она кога ќе решиш да се избегаш од сите понеделнички обврски“, „Јас, сепак, мислам дека му здосадило да се лизга со другите пингвини“, се дел од коментарите на социјалните мрежи.

Станува збор за кратка, но силно впечатлива сцена во која осамен аделиски пингвин се одвојува од својата колонија и, наместо да тргне кон морето каде што се наоѓа храната, се упатува кон внатрешноста на Антарктикот, кон суровиот и ненаселен планински пејзаж.

Во филмот, Херцог го поставува прашањето „но зошто?“. Режисерот ја користи оваа појава како повод за размислување за апсурдот на животот, без да нуди конкретно објаснување за однесувањето на животното.

Документарецот, снимен на Антарктикот, не е типичен филм за природата. Наместо фокус на дивиот свет, Херцог ги истражува луѓето кои избрале да живеат и работат на „крајот од светот“, нивните мотивации, внатрешни светови и односот со екстремната средина.

Филмот беше номиниран за Оскар за најдобар документарен филм и со години важи за едно од најфилозофските и најлични остварувања на режисерот.

Речиси две децении по премиерата, сцената со пингвинот стана вирална на интернет. Видеото е споделено од милиони корисници, кои му дадоа сопствени толкувања. Многумина го доживуваат однесувањето на пингвинот како симбол на егзистенцијална криза, што ги поттикна и самите да размислуваат за себе и да се натераат да бидат похрабри во истражувањето на можностите што ги нуди животот. Со други зборови, да се размислува „надвор од коцката“.

Иако од научна перспектива ваквото однесување најчесто се објаснува со дезориентација или здравствен проблем, луѓето ширум светот одлучија ова слатко животинче да им стане симбол на храброст за промена во животот.