Арсенал претрпе непријатен пораз од Манчестер Јунајтед во незгоден период од сезоната во англиската Премиер лига, неуспех со кој одново се дава дополнителен жар на борбата за титулата.
Навидум сигурните „плус седум“ се сведоа на „плус четири“ по поразот од 2:3 од големиот ривал, а за првпат оваа сезона, се доби впечаток дека Арсенал е многу ранлив во фаза на одбрана.
„Топчиите“ примија три гола и постојано бркаа резултат во второто полувреме, па дури и кога израмнија на 2:2, повторно дозволија гол на Куња кој стави точка на мечот.
Арсен Венгер како легенда на клубот пред дербито тврдеше дека тимот на Микел Артета е за неколку класи подобар од сите останати во Премиер лигата, но откако „топчиите“ претрпеа пораз, нагласи дека за првпат видел мала несигурност и нервоза кај двајца клучни играчи во тимот.
– Арсенал толку многу сакаше да го добие ова дерби, што на моменти се гледаше дека недостасува и трпеливост при изградбата на акциите. Се користеше премногу сила, наместо техника. Од друга страна, Јунајтед со Карик изгледа како тим кој ја пронаје формата за добар баланс меѓу дефанзивна стабилност и добра техничка поткованост во напад.
– За првпат видов како двајцата наши централни стопери се малку несигурни и нервозни. Габриел и Салиба за првпат не беа доминантни и тоа се почувствува на теренот, – изјави Венгер за „БеИН Спортс“.








