[ФОТО/ВИДЕО] Американец без јаже и заштитна опрема се искачил на врвот на облакодерот „Тајпеј 101“: Сопругата го бодрела од 60-тиот кат

Точка

25/01/2026

11:43

761

Големина на фонт

а а а

Американскиот алпинист Алекс Хонолд денеска се искачил на облакодерот „Тајпеј 101“ без никакво јаже или заштитна опрема.

Воодушевени извиците на неколку илјади луѓе собрани на улицата можеле да се слушнат кога тој стигнал до врвот на кулата висока 508 метри, околу 90 минути откако тргнал.

„Беше како – каков поглед, неверојатно, каков прекрасен ден“, рекол по искачувањето и додал: „Беше многу ветровито, па си велев: немој да паднеш. Се обидував убаво да ја одржувам рамнотежата, но каква неверојатна позиција, каков прекрасен начин да се види Тајпеј“.


Хонолд, најпознат по искачувањето без јаже на Ел Капитан во Националниот парк Јосемити, се искачувал по еден агол од „Тајпеј 101“, користејќи мали Л-испакнатини како потпирачи за нозете. Повремено морал да заобиколува и да се искачува преку големи украсни конструкции што стрчат од кулата, влечејќи се со рацете без никаква дополнителна опрема.


Зградата има 101 кат, а најтешкиот дел бил да се совладаат 64 ката во средишниот дел, таканаречените „бамбус кутии“ кои му го даваат препознатливиот изглед на облакодерот. Тој сегмент е поделен на осум целини, а секоја има осум ката стрмно, надвиснато искачување, по што следуваат балкони, каде што Хонолд правел кратки паузи пред да продолжи со искачувањето.

Неговото слободно искачување на оваа култна градба во главниот град на Тајван се пренесуваше во живо на Нетфликс, со одложување од 10 секунди. Искачувањето првично било планирано за сабота, но било одложено за 24 часа поради дожд.


За Хонолд и самата атмосфера била необична, бидејќи тој обично се искачува на оддалечени, речиси пустински локации.

„Кога тргнав од земја, си помислив: ова е навистина интензивно, толку многу луѓе гледаат“, признал тој и додал: „Но потоа, искрено, сите ми посакуваат добро. Во суштина, тоа на целото искуство му дава речиси празничен тон – сите тие добри луѓе се тука да ме поддржат и убаво да се забавуваат.“


Искачувањето предизвикало и воодушевување и загриженост поради етичките дилеми околу ваков високоризичен потфат во директен ТВ-пренос.

Хонолд не е првиот алпинист што се искачил на „Тајпеј 101“, но е првиот што го направил тоа без јаже. Францускиот алпинист Ален Робер се искачил на зградата на Божиќ 2004 година, во рамки на свеченото отворање на тогаш највисокиот облакодер во светот.

Инаку сопругата на Алекс Хонолд, Сани Меккендлес, од внатрешноста на облакодерот го следела неговото искачување на „Тајпеј 101“, а во еден момент тој се приближил до местото од каде што го набљудувала и ја поздравил.

Кога стигнал до 60-тиот кат, тешко дишел, а продукциската екипа организирала неговата сопруга  да биде таму за да го бодри.


Иако ситуацијата била исклучително опасна, Сани пред камерите останала смирена, обидувајќи се да биде присутна во моментот и да го охрабри Алекс.

Нивната интеракција пред камерите брзо ги освоила социјалните мрежи.


Инаку продукцискиот тим со причина договорил Сани да биде на 60-тиот кат бидејќи таа бројка има симболично знаење во Тајван. Коментаторот објаснил дека во тајванската култура 60 години симболизираат важна „обнова“ и пресвртница во животот.