Никогаш нема да погодите колку години има овој Сингапурец: „Тајната е во дисциплината“

Точка

25/02/2026

17:51

1.011

Големина на фонт

а а а

Иако стареењето не можеме да го избегнеме, сингапурскиот фотограф и поранешен модел Чуандо Тан изгледа како да им пркоси на годините. На 59 години стана познат по неверојатно младешкиот изглед, извајаното тело и мазната кожа, поради што луѓето често го проценуваат значително помлад. Својот изглед го припишува на добра генетика и дисциплинирани животни навики, вклучувајќи урамнотежена исхрана и доследна контрола на калориите.

Тајната на младешкиот изглед

Изгледот на Тан и понатаму привлекува внимание ширум светот, а на социјалните мрежи го следат повеќе од еден милион луѓе. Со текот на годините соработувал и со познати личности, меѓу кои Џенет Џексон, Рита Ора и Шу Чи, наведува „South China Morning Post“.

Тан својот младешки изглед го припишува на комбинација од добра генетика и доследни навики, а најважна е, како што вели, дисциплината. Во интервју за „CNA Lifestyle“ ги сподели деталите од својата дневна рутина, која започнува со едноставен, но хранлив појадок. Најчесто тоа е протеински шејк или овесна каша, а покрај тоа јаде и јајца, мед и авокадо. Ручекот и вечерата најчесто му се пилешко или риба, подготвени на пареа или на скара, со супа и ориз.


Тан цврсто верува во рамнотежата меѓу внесот на калории и физичката активност. „Она што го правите во текот на денот треба да биде во согласност со калориите што ги трошите тој ден, толку е едноставно. А количината храна што ја јадете во текот на денот е еднаква на калориите што ги внесувате во телото“, изјави тој, нагласувајќи дека доследноста е поважна од екстремите.


„Нема магична формула“

Тан првпат стана вирален во јули 2017 година, откако една кинеска веб-страница го истакна неговиот „Instagram“ профил, што доведе до нагол пораст на бројот на следбеници. Ненадејното внимание му донело и бројни пораки од целиот свет. „Добив многу пораки од непознати луѓе од сите страни на светот. Дури и телевизии и познати портали — сите сакаа да знаат како ми успева“, изјави за „CNA“ и призна дека поради неочекуваното внимание речиси две недели не излегувал од дома.


И покрај восхитот, Тан е искрен кога станува збор за стареењето. „Чувствувам притисок. Длабоко во себе знам дека не сум толку млад. Стареам. Затоа не сакам да глумам дека сум вечно млад. Можеби сите сакаат некој краток пат, некаква тајна како да се зачува младоста?“, рече тој и призна дека, иако не постои магична формула, дисциплината и рамнотежата се клучни на неговиот пат.