Заминувањето на Рубен Аморим од Манчестер Јунајтед и назначувањето на Мајкл Карик како негов привремен наследник може да донесе одредени промени и во трансфер стратегијата на клубот, иако е јасно дека менаџментот прво ќе треба да назначи долгорочно решение на менаџерската функција, па да носи поважни одлуки поврзани со преодните рокови.
Сепак, премиерлигашот во јануари има одредени приоритети, а еден од нив е да го задржи Коби Мејну, фудбалер кој не добиваше минутажа од Аморим и одамна му посочил на раководството дека сака да биде позајмен во зимскиот преоден рок.
Мејну доби шанса од Карик во Купот против Брајтон и на градското дерби, а клубот веќе му понудил и нов договор, што е сериозен обид да се гарантира задржување на овој фудбалер во Јунајтед на подолг рок.
Актуелниот договор на Мејну истекува следното лето, што е дополнителен притисок за клубот и го става во незгодна позиција, но сега самиот играч ќе треба да донесе важна одлука, во чија позадина е подобрување на финансиските услови и приближување на Мејну до останатите членови на првиот тим.
За разлика од периодот во кој тимот е предводен од Карик, Мејну не беше стартер на ниту еден натпревар на кој екипата беше водена од Аморим.








