„Instagram“ конечно ја воведува долго бараната функција за „Reels“

Точка

16/01/2026

16:48

274

Големина на фонт

а а а

Корисниците конечно ќе добијат можност да изберат каква содржина сакаат да гледаат.

„Instagram“ конечно им дава поголема контрола на корисниците врз содржината во „Reels“. По тестирањето со ограничен број корисници во октомври минатата година, платформата сега глобално ја воведе функцијата „Your Algorithm“ за сите корисници кои ја користат апликацијата на англиски јазик.

Новината ја потврди извршниот директор на „Instagram“, Адам Мосери, истакнувајќи дека новата опција им овозможува на корисниците подиректно да влијаат врз тоа какви видеа ќе им се прикажуваат. „Your Algorithm“ овозможува активно приспособување на „Reels“ искуството според личните интереси.


Во рамки на табот „Reels“, корисниците сега можат да додаваат или отстрануваат теми врз основа на тоа што сакаат да гледаат. Дополнително, „Instagram“ моментално нуди можност за избор на три главни интереси за 2026 година, што Мосери го опишува како сигнал до алгоритмот за тоа каква содржина корисниците сакаат почесто да го гледаат во иднина.

Како функционира „Your Algorithm“?

Новата функција не го заменува постоечкиот систем за препораки на „Instagram“, туку го надополнува. Апликацијата и понатаму ќе анализира што гледате, што лајкувате или што го прескокнувате, но сега ќе ги зема предвид и темите што самите ги избирате. Тоа значи дека повеќе нема потреба постојано да означувате содржина со „Not Interested“ за да го приспособите својот фид.


Поставките можат да се менуваат во секое време, не само за време на почетниот период на воведување на функцијата. Корисниците можат да отстранат теми кои повеќе не им се интересни или да додадат нови, во согласност со промената на интересите.

Сепак, постојат јасни граници на контролата. Според пишувањето на „Engadget“, корисниците не можат да ја намалат количината на реклами. На пример, обидот да се додаде „ads“ како тема што сакате поретко да ја гледате резултира со порака за грешка. Од друга страна, пошироки категории како „sponsored content“ може да се изберат, а меѓу опциите се појавува и „AI“, што најверојатно се однесува на видеа за вештачка интелигенција, а не на содржина генерирана со вештачка интелигенција.


„Instagram“ веќе извесно време ги унапредува начините на интеракција со содржината – од историја на гледање на „Reels“ до понапредни алатки за уредување и приспособување. Со најновата надградба, корисниците добиваат поедноставен начин за обликување на сопствениот фид.

Дали тоа ќе доведе до поквалитетна содржина или само до поинакво скролање, останува да се види.