Новиот пристап им овозможи откривање на десетици илјади претходно неоткриени ридови и гребени, како и многу повеќе детали за планините и кањоните закопани под дебелиот слој мраз.
Научниците со години се обидуваа да изработат карта на Антарктикот, со цел полесно да го следат она што се случува со овој континент. Но мразот дебел со километри и негостопримливите услови не беа баш добра комбинација за создавање прецизни карти.
Напредокот на современата технологија сепак им овозможи на научниците да „ѕирнат“ под мразот и да откријат како изгледа Антарктикот без својот препознатлив леден покривач.
Како што истакнаа за „BBC“, новата карта, објавена во рамки на студија во списанието „Science“, прикажува досега невидени детали од пејзажот под антарктичкиот мраз и би можела значително да го унапреди нашето разбирање за овој замрзнат континент.
За создавањето на оваа карта, научниците користеле сателитски податоци и физика на движењето на антарктичките глечери, а она што го откриле ги изненадило.

Дебелиот мраз, кој на одредени места достигнува и до 4,8 километри, крие илјадници претходно неоткриени ридови и гребени, но и цели планински венци за кои досега само се претпоставувало дека постојат.
„Ако си замислите дека Шкотските Висорамнини или Европските Алпи се покриени со мраз и дека единствениот начин да се разбере нивната форма е повремен лет со авион на неколку километри височина, тогаш нема начин да ги видите сите тие остри планини и долини за кои знаеме дека се таму“, сликовито објасни професорот Роберт Бингам, глациолог од Универзитетот во Единбург и коавтор на студијата.
Новиот пристап им овозможил да откријат десетици илјади претходно непознати ридови и гребени, но и значително повеќе детали за планините и кањоните закопани под дебелиот слој мраз.
На пример, откриле длабок канал врежан во антарктичкото дно во подрачје познато како Субглацијален басен Мауд. Каналот е длабок околу 50 метри, широк дури 6 километри и долг речиси 400 километри.

Што сè уште се крие во тој канал, допрва треба да се открие.
И други истражувачи, кои не биле директно вклучени во студијата, се согласуваат дека подеталните карти, во комбинација со други истражувања, ќе бидат вреден ресурс во иднина.
Имено, токму овие податоци би можеле да ги подобрат компјутерските модели за тоа како Антарктикот ќе се справува со климатските промени. А тоа е исклучително важно, бидејќи брзината на топење на мразот на Антарктикот и неговото влијание врз светските мориња се сметаат за една од најголемите непознаници во климатската наука.








