Јапонскиот производител овој редизајн го гледа како симбол на „второто раѓање“ на брендот во ерата на електрификацијата.
„Honda“ се подготвува за дискретна, но значајна промена на визуелниот идентитет, во период кога фокусот на електрификацијата станува сè посилен.
Јапонскиот производител потврди дека воведува нов, поедноставен лого-знак без рамка, кој беше претставен уште во 2024 година и кој постепено ќе се појавува на електричните и хибридните модели, но нема целосно да го замени постојниот знак на сите автомобили.

Редизајнираното „H“ првпат ќе се појави на сериски автомобили во 2027 година, пред сè на идните електрични модели и на новата генерација хибриди.
Логото веќе беше видено на концептите од серијата „Honda 0 Series“, претставени пред неколку години.

Првиот сериски модел со новиот знак треба да биде SUV моделот „0“, кој ќе се произведува во американската сојузна држава Охајо, а потоа и моделот „0 Saloon“.
Во план е и компактниот SUV „0 Alpha“, наменет за глобалниот пазар, со посебен фокус на Јапонија и Индија.

Покрај електричните автомобили, новиот лого-знак ќе го добие и следната генерација хибриди со унапредениот систем „e: HEV“.
„Honda“ планира во периодот меѓу 2027 и 2031 година да лансира дури 13 нови модели со оваа технологија, со подобрена ефикасност и перформанси.

Класичниот знак на „Honda“, кој се користи уште од 1963 година, ќе остане присутен на моделите со класични мотори со внатрешно согорување (SUS), додека новиот визуелен идентитет постепено ќе се воведува и во продажните салони, како и во комуникациските и мотоспорт активности.
„Honda“ овој редизајн го доживува како симбол на „второто раѓање“ на брендот во ерата на електрификацијата.









