Канадскиот актер Кифер Сатерленд е уапсен откако, наводно, физички нападнал и му се заканувал на таксист во Холивуд, соопшти полицијата.
Од Полициската управа на Лос Анџелес информираа дека Сатерленд „влегол во возило за споделено превезување, физички го нападнал возачот (жртвата) и упатил кривични закани“ за време на инцидентот што се случил во понеделник во 00.15 часот по локално време.
Жртвата, според полицијата, не претрпела повреди.

Сатерленд, кој има 59 години, бил пуштен на слобода по уплата на кауција во износ од 50.000 долари, а на суд треба да се појави на 2 февруари. Од Би-би-си соопштија дека стапиле во контакт со неговите претставници за коментар.
Инцидентот се случил на крстосницата меѓу Булеварот Сансет и Авенијата Ферфакс во Холивуд и е предмет на истрага на холивудската полициска дивизија.
Сатерленд е познат по улогата на специјалниот агент Џек Бауер во серијата „24“, како и по улогата на претседател на САД во серијата „Назначен преживеан“ (Designated Survivor). Тој е син на легендарниот актер Доналд Сатерленд.

Канадскиот актер и претходно неколкупати бил апсен. Во 2007 година бил осуден на 48 дена затвор поради возење под дејство на алкохол и прекршување на условна казна. Во 2009 година бил уапсен за напад, но обвинението подоцна било повлечено, а последниот пат бил приведен во 2020 година, поради нелегално полукружно свртување со автомобил во Холивуд.








