Генетски модифицирана свиња, чии органи ќе бидат погодни за трансплантација кај луѓе, би можела да биде создадена во Русија до 2030 година.
Ова ќе биде првиот проект од ваков вид во земјата и ќе помогне во решавањето на критичниот недостиг од донаторски органи, изјавил Едуард Чујко, ембриолог, генерален директор на новосибирската компанија „М-Геномикс“ и раководител на проектот.
„Создавањето на такво животно би можело да трае три до четири години. Заостануваме зад светските лидери во оваа област, но со потребните средства би можеле да постигнеме резултати и да најдеме оптимално решение во тој временски рок“, изјавил научникот за ТАСС.

Планирано е генетски модифицираните свињи да се одгледуваат во стерилни услови, под постојан ветеринарен и медицински надзор, со што ќе се обезбеди идеален квалитет на органите за трансплантација.
Во првата година, проектот е способен да обезбеди приближно 200 бубрези за операции кај луѓе.
Планирано е овие хируршки процедури да бидат вклучени во програмата за задолжително здравствено осигурување. Развојот подоцна ќе биде приспособен и за срце, панкреас и црн дроб.
Проектот за трансплантација на органи ќе се спроведува заедно со клиниката „Мешалкин“, еден од најголемите мултидисциплинарни медицински центри на руското Министерство за здравство.
Него ќе го води тим специјалисти од Институтот за цитологија и генетика при Сибирскиот огранок на Руската академија на науки — ембриолози, молекуларни биолози и генетски инженери, кои во февруари 2025 година станаа први во Русија што одгледале прасе со методот на вонтелесно оплодување.

Комплетниот циклус за добивање одобрение за регистрација и почеток на масовно производство на генетски модифицирани свињи ќе трае приближно 12 години, од кои околу осум ќе бидат потрошени на претклинички и клинички испитувања.
Во декември 2025 година, проектот го избрал бизнис-инкубаторот на новосибирскиот „АкадемПарк“, каде што добил поддршка во деловна експертиза и во потрагата по инвеститори.
Ксенотрансплантација е трансплантација на органи, ткива или клетки од животни на луѓе. Свињите се користат за вакви операции од неколку причини: нивните органи се со слична големина како човечките, брзо се размножуваат (гестацијата трае околу 3,5 месеци, со 5-8 прасиња кои се раѓаат два пати годишни), а нивната генетика е добро проучена.
Американската компанија „eGenesis“ во 2024 година успешно трансплантирала бубрег од генетски модифицирана свиња на пациент, кој преживеал неколку месеци по операцијата — што претставува пробив во медицината.







