Месец јануари е предвиден за репрезентативни возбудувања на ракометната сцена, но во воведната фаза од новата 2026-та година, Еурофарм Пелистер ја информираше јавноста дека е донесена одлука за новиот тренер.
Македонскиот првак се раздели со Рубен Гарабаја на почетокот на месец декември и како привремено решение го назначи Звонко Шундовски, но денеска пристигна информација дека подолгорочно решение за „зелено-белите“ ќе биде Стевче Алушовски.
– Нашиот нов почеток во 2026 година е поврзан со добро познато име. Стевче Алушoвски е нов тренер на Еурофарм Пелистер и ќе ја води нашата екипа до крајот на оваа сезона.
– 53-годишниот тренер по неколку години се враќа во својот матичен клуб, во улога на тренер на шампионот на Македонија. Алушoвски во два наврати водеше клуб од Битола – Пелистер и Еурофарм Работник, а сега го презема тимот на Еурофарм Пелистер.
– Нашиот прославен репрезентативец тренерската, како и играчката кариера, ја започна во Битола. Во мак-ракометот ги водеше Вардар 1961 и Охрид, а кратко работеше и во Исланд. Прозивката на новиот тренер е закажана за в среда (14 јануари) во 17:00 часот, – објавија од Пелистер.







