Неколку холивудски ѕвезди на синоќешното доделување на Златните глобуси носеле беџови во знак на сеќавање на Рене Гуд, која минатата недела во Минеаполис била застрелана и убиена во својот автомобил од службеник на американската Служба за имиграција и царина (ICE).
Црно-белите беџови прикажувале слогани како „be good“ и „ice out“, внесувајќи политички коментари во доделувањето на наградите по минатогодишната релативно аполитична церемонија.

Марк Рафало, Ванда Сајкс и Наташа Лион носеле беџови на црвениот килим, додека Џин Смарт и Аријана Гранде ги носеле во свечената сала.


Смарт носела беџ на фустанот додека ја примала наградата за најдобра актерка во мјузикл или хумористична серија.

Од пукањето во средата, ширум САД избија протести, повикувајќи на одговорност за смртта на Рене Гуд, како и за одвоеното пукање во Портланд, каде што агентите на „ICE“ раниле две лица.

Некои протести резултирале со судири со полицијата, особено во Минеаполис, каде што „ICE“ ја спроведува својата досега најголема операција за спроведување на имиграциските закони.
Кога станува збор за самото доделување, победник на вечерта бил филмот „One Battle After Another“ со четири освоени Златни глобуси, а доминирала и серијата „Adolescence“, исто така со четири награди.






