Едно улично куче стана неочекувана ТикТок ѕвезда откако се придружило на пешачка тура во Скопје и се однесувало како вистински водич. Снимката од настанот, објавена на 7 јануари, стана вирална и воодушеви милиони.
Видеото кое за кратко време собра 1,4 милиони прегледи прикажува кафеаво-бела женка која се приклучила на водена тура низ нашиот главен град, како да се обидува да им го покаже местото на туристите, град што и таа го смета за свој дом.
Описот на снимката ја објаснува ситуацијата: „Нѝ пријде улично куче, а водичот рече: ‘Ова е Линда, таа денес ќе ни се придружи’. И навистина беше со нас – практично цело време“.
Линда е хит на ТикТок
Опуштеноста и пријателското однесување на Линда брзо привлече внимание кај корисниците на ТикТок, а видеото собра повеќе од 650.000 лајкови и стотици коментари.
„Буквално би патувал таму само поради турата со Линда“, напишал еден корисник. Друг додал: „Линда изгледа многу чисто и негувано, иако е улично куче. Очигледно заедницата ја сака“.
„Таа само сака друштво за своите прошетки бидејќи нема свој човек“, коментирал трет корисник, на што жената која ја објавила снимката одговорила: „Таа заслужува свој човек, толку е слатка“.
Кучињата ги разбираат луѓето
Иако однесувањето на Линда може да изгледа необично, научниците истакнуваат дека тоа е во согласност со новите сознанија за кучињата што живеат на улица и нивната изненадувачка усогласеност со луѓето, пишува „Newsweek“.
Истражување од 2020 година, спроведено на 160 улични кучиња во неколку индиски градови, покажало дека дури и животни кои никогаш не живееле во дом можат инстинктивно да ги разберат човечките гестови.

Во експериментот, истражувачите им покажувале на кучињата кон еден од два покриени сада – во едниот имало сирово пилешко месо додека другиот бил празен. Целта била да се утврди дали кучињата ќе го протолкуваат гестот правилно. Иако околу половина од нив биле премногу уплашени да се приближат, веројатно поради лоши искуства со луѓето, оние кои учествувале покажале извонредна социјална интуиција.
Дури 80 отсто од кучињата го следеле гестот кој укажувал на садот што го назначил истражувачот. Доколку се покажело дека садот е празен, кучињата следниот пат имале помалку доверба во тој гест, што укажува не само на разбирање, туку и на способност за проценка на доверливоста – карактеристика која обично се припишува на домашни миленици.
Овие резултати, велат истражувачите, нагласуваат дека необучените улични кучиња можат да формираат сложени односи со луѓето, дури и по тешки или трауматични искуства.
За многу заедници каде луѓето и уличните кучиња живеат во блиски контакти, разбирањето на ваквото однесување може да доведе до побезбедни интеракции и до она што научниците го нарекуваат „помирен соживот“. А за Линда, изгледа, тој соживот понекогаш вклучува и – водење туристички тури.










