Мадуро денеска ќе биде изведен пред американски суд

Макфакс

05/01/2026

08:45

241

Големина на фонт

а а а

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро денеска треба да се појави пред американски суд, откако американските сили го заробија за време на викендот, додека американскиот претседател Доналд Трамп ја остави отворена можноста за уште еден напад доколку САД не постигнат договор со привремената челничка на земјата.

Трамп во неделата изјави пред новинарите дека би можел да нареди нов напад доколку Венецуела не соработува со американските напори за отворање на нафтената индустрија и запирање на трговијата со дрога.

Тој, исто така, се закани со воена акција во Колумбија и Мексико и изјави дека кубанскиот комунистички режим „изгледа како да е подготвен да падне“ сам од себе.

Изјавите на Трамп следуваат во пресрет на планираното појавување на Мадуро во понеделник пред федерален судија во Њујорк.

Мадуро беше приведен за време на воениот напад во саботата во Каракас, кој предизвика меѓународна загриженост и ја втурна Венецуела во неизвесност.

Претставници на администрацијата на Трамп го прикажаа неговото приведување како спроведување на законот со цел да одговара за кривичните обвиненија поднесени во 2020 година, кои го товарат за заговор за нарко-тероризам.

Сепак, самиот Трамп изјави дека постоеле и други причини, наведувајќи дека нападот бил делумно поттикнат од приливот на венецуелски мигранти во САД и од одлуката на таа земја да ги национализира американските нафтени интереси.

„Го враќаме она што го украдоа“, изјави Трамп во авионот „Ер форс уан“ додека во неделата се враќаше во Вашингтон од Флорида.

„Ние сме главни. Нафтените компании ќе се вратат во Венецуела и ќе ја обноват нафтената индустрија на земјата“, рече Трамп. „Ќе вложат милијарди долари и ќе вадат нафта од земјата.“

Во меѓувреме, владата на Мадуро останува на власт во Каракас.

Потпретседателката Делси Родригез, која ја презеде функцијата привремена челничка, изјави дека Мадуро останува претседател и го оспори тврдењето на Трамп дека таа е подготвена да соработува со САД.

Родригез, која воедно е и министерка за нафта, долго време се смета за најпрагматичен член на потесниот круг на Мадуро.

Мадуро (63) се соочува со обвиненија дека давал поддршка на големи групи за трговија со дрога, како што се картелот Синалоа и бандата Трен де Арагуа.

Обвинителите наведуваат дека управувал со рути за трговија со кокаин, ја користел армијата за заштита на пратките, прикривал насилни нарко-групи и користел претседателски објекти за транспорт на дрога.

Обвиненијата, првпат поднесени во 2020 година, беа ажурирани во саботата за да ја опфатат и неговата сопруга Силија Флорес, која се товари дека наредувала киднапирања и убиства.

Мадуро ги отфрли сите обвиненија, а може да поминат неколку месеци пред да започне судењето.

Соединетите Американски Држави го сметаат Мадуро за нелегитимен диктатор уште од прогласувањето на победата на изборите во 2018 година, кои беа обележани со обвинувања за масовни нерегуларности