[ВИДЕО/ФОТО] Првата Супермесечина во 2026 година: Во некои делови од светот веќе засвети

Точка

04/01/2026

10:50

1.093

Големина на фонт

а а а

На ноќното небо вечерва нè очекува првата суперполна Месечина оваа година, позната како волчја Супермесечина. Во некои делови од светот, како Тајланд, таа веќе засветка на небото, а следната суперполна Месечина ќе ја видиме дури во ноември 2026 година.

Ова е четврта суперполна Месечина по ред, по Жетвениот Месец во октомври, Дабаровиот Месец во ноември и Студениот Месец во декември.

Следната можност да ја видиме Месечината толку голема на небото нема да се појави пред ноември, иако во мај нè очекува дополнителна астрономска занимливост – два полни Месечини, што ја прави 2026 година ретка, со вкупно 13 наместо вообичаените 12 полни Месечини.


Орбитата на Месечината околу Земјата е елиптична, што значи дека нејзината оддалеченост од нас варира. Кога Месечината се наоѓа во најблиската точка до Земјата, позната како перигеј, и тој момент ќе се совпадне со полна Месечина, тогаш зборуваме за суперполна Месечина.

Во перигеј Месечината е оддалечена околу 355.000 километри од Земјата, додека во најоддалечената точка, апогејот, е на околу 400.000 километри. Поради тоа, Супермесечината изгледа поголема и посјајна на ноќното небо.

Обично имаме три или четири суперполни Месечини годишно, па тие не се реткост, но невообичаено е да се појават четири по ред.

Полните Месечини традиционално носат имиња што потекнуваат од далечни времиња, пред воведувањето на современите календари. Тие имиња служеле за обележување на сезонските промени и често биле поврзани со природни настани, како Ловечкиот, Жетвениот или Цветниот Месец.

Називот Волчја Месечина потекнува од традициите на северноамериканските домородни народи и европскиот фолклор. Според преданијата, за време на студените јануарски ноќи често се слушало завивањето на волците, па полната Месечина во тој период го добила тоа име.


Во текот на 2026 година, во ноември и декември ќе се појават уште две суперполни Месечини, а во мај и таканаречената сина Месечина.

Оваа суперполна Месечина се случува речиси истовремено со врвот на метеорскиот дожд Квадрантиди, еден од најсилните годишни метеорски дождови. Сепак, силниот сјај на полната Месечина веројатно ќе ја намали видливоста на послабите метеори.