Енцо Мареска повеќе не е тренер на Челзи, доби отказ вчера, во првиот ден од новата година. Клупските челници се надеваат дека ќе го именува неговиот наследник во рок од неколку дена.
Драматичната разделба меѓу италијанскиот стручњак и раководството на клубот од „Стемфорд Бриџ“ се случи во втората година од петгодишниот договор на Мареска, по само една победа во последните седум натпревари од Премиер лигата.
Челзи веќе има краток список на кандидати, а Лиам Розениор се споменува како фаворит.
Јасно е дека Челзи без главен тренер ќе гостува в недела кај Манчестер Сити, се очекува дека многу брзо ќе биде назначен нов менаџер и тој би можел да го предводи тимот наредната среда против Фулам.
„Дејли Мејл“, дознава дека покрај Розениор (тренер на Стразбур), кандидати за клупата на Члези се и тренерот на Борнмут, Андони Ираола и поранешниот менаџер на Брајтон, Роберто де Зерби, кој сега е во Марсеј.
Овој медиуми ги анализира кога и како „пукна љубовта“ меѓу Челзи и Мареска.
Крајот на соработката беше очигледен по испадот на Мареска во кој тој тврдеше дека ги доживеал „своите најлоши 48 часа“ по победата над Евертон. Се верува дека изјавата се однесувала на сериозен конфликт меѓу него и медицинскиот персонал околу третманот на повредените играчи и нивното враќање на теренот.
Управата на клубот беше исклучително незадоволна од тие јавни коментари, но и од низа други инциденти што доведоа до прекин на соработката. „Дејли Мејл“ особено истакнува три, кои ги опишува како трите клинци во ковчегот на Мареска:
– одлуката да ја пропушти прес-конференцијата по натпреварот во вторникот. Тој ја наведе болеста како причина. Клубот смета дека тој не бил болен и го оценија тој потег како непрофесионален, непочитувачки и нефер кон асистентот, Вили Кабалеро, кој мораше да го замени.
– игнорирањето на медицинските совети за враќањето на повредените фудбалери.
– медиумските извештаи го поврзуваат Мареска со враќање во Манчестер Сити, каде што претходно работеше како помошник на Пеп Гвардиола.
Што е следно?
Целта на клубот е новиот менаџер да продолжи да работи во рамките на постоечкиот систем за да се избегнат големи промени среде сезоната во која Челзи, и покрај полошите резултати, сè уште е на петтото место. Доколку брзо не се најде трајно решение, тимот би можел привремено да го преземе Вили Кабалеро.










