Повеќе блискост, помалку стрес: Научниците откриja неочекувана придобивка од сексот

Точка

31/12/2025

16:04

365

Големина на фонт

а а а

Интимната блискост меѓу партнерите генерално е корисна за здравјето – нè опушта, го намалува стресот и има позитивно психолошко влијание, дури и во подоцнежните години од животот.

На долгиот список веќе познати придобивки од ваквиот вид поврзаност, една студија објавена во научното списание „ЏАМА“ додаде уште една: откри дека интимните односи можат да помогнат во заздравување на благи повреди, но само доколку се комбинираат со назален спреј на база на окситоцин, таканаречениот „хормон на љубовта“, кој има и противвоспалително дејство.

Комплименти и благодарност


Во истражувањето биле вклучени вкупно 80 хетеросексуални парови со просечна возраст од 27 години. Испитаниците имале лесни повреди на рацете, предизвикани со уред за аспирација. Потоа биле поделени во четири групи.

• Првата група користела окситоцински назален спреј двапати дневно и до трипати неделно учествувала во водена дискусија наречена „Задача за благодарност кон партнерот“, во која партнерите меѓусебно се пофалувале и изразувале благодарност еден кон друг.

• Втората група користела само назален спреј, без водена дискусија.

• Третата група учествувала во водена дискусија, но наместо окситоцин користела плацебо.

• Четвртата, контролна група, користела плацебо и не учествувала во никаква водена активност.

Интимност еднаш дневно

Втората и третата група покажале слични резултати на опоравување како и контролната група. Наспроти тоа, испитаниците од првата група – кои комбинирале окситоцин и водена позитивна интеракција – имале значително побрз опоравок од повредите.


Ефектите биле уште поизразени кај паровите од оваа група кои пријавиле дека во текот на неделата имале редовни интимни односи. Кај нив, во плунката биле измерени пониски нивоа на кортизол – хормон на стрес кој може да ги потисне имунолошките функции.

„Резултатите покажуваат дека комбинацијата од земање окситоцин и позитивно однесување во партнерската врска може да поттикне побрз физички опоравок“, изјавил психологот Дерил О’Конор, кој не бил директно вклучен во студијата, додавајќи дека ваквите наоди отвораат ветувачка перспектива за идни психосоцијални интервенции во здравството.