„BMW M" руши рекорди, а најпродаваниот модел е токму оној што многумина го критикуваат

Точка

16/01/2026

18:41

421

Големина на фонт

а а а

Спортската дивизија M на „BMW“ ја продолжи серијата успеси и во 2025 година, и покрај критиките на сметка на дизајнот на одредени модели.

Купувачите уште еднаш покажаа дека перформансите им се поважни од коментарите на социјалните мрежи, па „BMW“ M оствари рекордна продажба четиринаесетта година по ред.

Вкупно во 2025 година беа продадени 213.457 возила на „BMW M", што претставува раст од 3,3 проценти во однос на претходната година. Од таа бројка, околу 71.500 се однесуваат на „чисти“ M модели, како M2, M3, M4 и M5, додека преостанатите 141.957 ги сочинуваат M Performance моделите, меѓу кои се M340i и електричниот i4 M60.

Најголемото изненадување доаѓа од врвот на листата: вкупно најпродаваниот „BMW“ M модел бил X3 M50, кој ја презеде лидерската позиција од минатогодишниот победник, електричниот i4 M50.


Ова е особено интересно бидејќи X3 M50 често е критикуван поради изгледот и квалитетот на материјалите во ентериерот, и покрај високата цена. Сепак, продажните резултати покажуваат дека купувачите во пракса не ги делат тие забелешки.

Меѓу класичните M автомобили, најбаран бил M2.

„BMW“ M, сепак, забележа пад на продажбата во последниот квартал од 2025 година од 7,9 проценти, пред сè поради послабите резултати на електричните модели.


M моделите учествувале со 9,8 проценти од вкупната продажба на „BMW“ на глобално ниво. Најголем пазар бил САД со повеќе од 72.000 продадени возила, додека силни резултати оствариле и Канада, Германија, Јужна Кореја, Јужна Африка, Велика Британија и Кина. Особено се издвојува Швајцарија, каде што речиси секој четврти продаден „BMW“ носел M ознака.

На ниво на целиот бренд, „BMW“ во 2025 година продал 2.463.715 автомобили, со благ раст од 0,5 проценти.

Продажбата на електрифицирани модели пораснала за 8,3 проценти, но во последниот квартал е забележан пад на продажбата на целосно електрични возила, што делумно се припишува на промените во стимулативните мерки на клучните пазари.