Резултатите покажуваат дека производителите успешно одговараат на сè построгите безбедносни стандарди.
„EuroNCAP“ ја објави листата "Best-in-Class" автомобили за 2025 година, односно најбезбедните модели што неговите експерти ги тестирале во текот на претходната година.
Во година обележана со силен раст на понудата на електрични возила и сè понапредни системи за активна безбедност, резултатите покажуваат дека производителите успешно одговараат на сè построгите безбедносни барања.

За време на најинтензивната тестна година досега, со рекорден број нови модели, „Mercedes CLA“ оствари најдобри вкупни резултати.
Тој ја освои титулата најбезбеден автомобил за 2025 година, но и признанието за најдобар мал семеен автомобил.
„CLA“ се истакна во сите области на оценување – заштита на возрасни и деца, безбедност на ранливите учесници во сообраќајот и системи за асистенција на возачот.

Покрај „Mercedes“, меѓу најдобрите се најдоа и „MINI Cooper E“, „Tesla Model 3“, „Tesla Model Y“, „Smart #5“ и „Polestar 3“.
Титулата "Best-in-Class" „EuroNCAP“ им ја доделува на возила со пет ѕвездички кои постигнуваат најдобри збирни резултати во четирите клучни категории на безбедност, и тоа исклучиво со стандардната безбедносна опрема.

Најдобри автомобили по класи – „EuroNCAP“ 2025
Од „EuroNCAP“ истакнуваат дека електричните автомобили не само што ги достигнуваат, туку често и ги надминуваат безбедносните стандарди на класичните возила, што треба да ги охрабри купувачите кои размислуваат за премин кон електрична мобилност.
2025 година покажа дека безбедносната технологија е во чекор со амбициите на автомобилската индустрија, а „EuroNCAP“ порачува дека очекува продолжување на овој тренд и во 2026 година, со крајна цел – намалување на бројот на жртви во сообраќајот на нула.










