Она што многу возачи го прават во зима од навика, еден маж во Виена го чинело дури 600 евра. Во градската општина Отакринг, возачот Ајхан Ц. го оставил автомобилот паркиран со вклучен мотор за да ги одмрзне стаклата, без да претпостави дека со тоа го крши законот.
Полицијата реагирала и му изрекла висока парична казна.
Зошто возачот бил казнет?
Според австриските прописи, возилото по вклучување на моторот веднаш треба да се стави во движење, освен ако постојат технички причини кои тоа го оневозможуваат. Оставaњето на автомобилот да работи во место се смета за непотребно и штетно, бидејќи придонесува за загадување на воздухот, особено во градските средини.
Од полицијата истакнале дека ниските температури и зимските услови не претставуваат оправдување за такво однесување. Прописите кои се однесуваат на заштита на климата и намалување на емисијата на издувни гасови се применуваат без исклучок, а висината на казната зависи од проценката на надлежните органи. Во овој случај, износот бил 600 евра.
Жалба и толкување на законот
Возачот најавил дека ќе поднесе жалба, објаснувајќи дека немал соодветна опрема за отстранување на мразот од стаклата и дека единствената намера му била да го направи возилото безбедно за возење. Сепак, според важечкото толкување на законот, недостатокот на стругач или друга опрема не се смета за валиден мотив за работа на моторот во место.

Предупредување за возачите
Во Австрија зимските навики како загревање на автомобилот на паркинг може да се третираат како прекршок. Правилата важат во текот на целата година, а возачите се обврзани да ги подготват возилата за возење без оставен вклучен мотор, дури и кога температурите паѓаат под нула.










