Само една буква била доволна за реновирање на домот од соништата да се претвори во ноќна мора. Сопственичката, Моли Брук, уредувала недвижнина во Конектикат која планираше да ја изнајмува преку Airbnb, но наместо смирувачки, неутрални ѕидови кои ги замислила, ја дочекало светло зелено изненадување.
Таа одбрала елегантна, валкана бела нијанса со името „Mourning Dove“ од производителот „Behr“. Сепак, кога сликарите завршиле со дневната соба и кујната, сфатила дека нешто сериозно не е во ред. „Само кога работата беше завршена, забележавме дека имињата на канти боја се разликуваат“, раскажала таа.
Грешката била само во една буква. Наместо посакуваната нијанса „Mourning Dove“ (ожалостена гулабица) молерите по грешка ја употребиле бојата со име „Morning Dove“ (утринска гулабица) – која е изразито зелена. Иако називите се речиси идентични, резултатот бил драстично различен од суптилната и неутрална естетика што беше планирана.
За среќа, забуната не траеше долго. „Молерите брзо реагираа и сè поправија, така што ѕидовите сега се валкано бели, токму онака како што требаше да бидат“, додала таа.
Интернетот поделен околу зелената боја
Видеото за оваа незгода со бојата собрало повеќе од 116.000 прегледи на Инстаграм, а реакциите на корисниците биле поделени.
Додека некои биле воодушевени од неочекуваната зелена боја, па еден корисник напишал: „Дали е чудно што всушност ми се допаѓа ова?“, други биле збунети од самото име на бојата. „Кој воопшто ја нарекува бојата ‘утринска гулабица? Кога ќе помислам на утрински гулабици, сигурно не мислам на боја на сладолед од мента“, стои во еден од коментарите.















