„Audi“ го враќа „A4“: Враќање на легендарната лимузина, но во целосно ново издание

Точка

19/12/2025

07:52

744

Големина на фонт

а а а

„Audi A4, еден од најпознатите модели на германскиот бренд, сепак се враќа на сцената – и тоа за првпат како целосно електричен автомобил.

Иако изгледаше дека A4 дефинитивно замина во историјата, откако „Audi“ го „стопи“ во новиот A5 поради промената на политиката за именување на моделите, од Инголштад сега пристигнува потврда за негово враќање.

Генералниот директор на „Audi“, Гернот Делнер, претходно потврди дека компанијата развива нов електричен A4, кој ќе биде дел од, како што рече, „најголемата промена во историјата на компанијата“.

Новиот модел ќе биде базиран на механичката платформа SSP („Scalable Systems Platform“) на „Volkswagen“, која првично беше планирана за 2026 година, но поради софтверски проблеми е поместена за крајот на 2027 или 2028 година.


Како ќе се вика и каде ќе биде позициониран

„Audi“ се врати на старата логика на именување, па A4 повторно ќе ја заземе својата позиција во гамата на модели. Електричните верзии ќе ја носат ознаката „e-tron“, додека ќе останат и другите ознаки за бензинци, plug-in хибриди и дизел мотори.

Новиот „A4 e-tron“ треба да биде влезниот електричен седан на марката, во зависност од конечната цена.

Дизајн и ентериер

Најдобар увид во идниот изглед го дава концептниот модел „Concept C“, кој најавува поостри линии, помодерна предна маска и тенки LED светла.

Серискиот A4, секако, ќе биде попрактичен, но ќе го задржи препознатливиот, модерен стил на „Audi“.

Ентериерот ќе биде современ и дигитализиран, но не се очекува екстремен минимализам каков што беше виден кај концептот.


Технологија и погон

Новата SSP платформа носи 800-волтна архитектура, брзо полнење и голема флексибилност. Се очекува A4 да има погон на сите четири тркала со два електромотори, со моќност од околу 400 до 500 коњски сили, додека помоќните верзии би можеле значително да ја надминат оваа бројка.

Деталите за батериите сè уште не се познати, но се очекуваат повеќе опции за капацитет, како и современи функции како брзо DC-полнење.

Кога пристигнува и колку ќе чини

Премиерата на новиот „Audi A4 не се очекува пред 2027 година, додека продажбата во Европа би можела да започне кон крајот на 2028 или во текот на 2029 година.

Се претпоставува дека „A4 e-tron“ ќе чини меѓу 55.000 и 65.000 евра, слично на идните електрични ривали од „BMW“ и „Mercedes“.

Накратко, „Audi A4 се враќа – потивок, помодерен и целосно електричен, подготвен повторно да заземе важно место во сегментот на премиум лимузините.