На денешната конференција The Economist MeetUp: The World Ahead 2026, вториот панел „Предизвици на пазарот на труд – талент, технологија, трансформација“ ги отвори клучните прашања за иднината на пазарот на трудот, посочувајќи на предизвиците во Македонија поврзани со недостигот на кадар, технолошките промени и зголемените очекувања на вработените. Беше нагласено дека компаниите сè повеќе се насочуваат кон организациска култура, развој на вработените и квалитетна работна средина, наместо исклучиво кон платите.
Од производствениот сектор, Владимир Стефановски, плант менаџер на Kiel Македонија, истакна дека и покрај технолошкиот напредок, луѓето остануваат клучен фактор, особено во работно-интензивните процеси, поради што вложувањето во вештини и квалификации е неопходно за одржлив пазар на трудот.
Говорејќи од аспект на финансиските институции, Тони Јанковски, директор за развој и иновации на Diners Македонија, нагласи дека довербата, сигурноста и сајбер-безбедноста започнуваат од вработените, бидејќи довербата во луѓето директно се одразува на довербата на клиентите.
Павле Зимбаков од Know How Training Provider посочи дека компаниите често инвестираат во технологии, а го занемаруваат човечкиот фактор, што негативно влијае врз мотивацијата, особено во средини со мешани генерации, при што е клучно вработените да бидат слушнати.
Keynote говорник: Ведран Бајер (Wonderful)
Во своето излагање, Ведран Бајер од Wonderful истакна дека во ерата на вештачката интелигенција промените се експоненцијални, а долгорочното планирање веќе не е одржливо. Според него, луѓето се основата на секоја трансформација, генеративната АИ е алатка, а вистинската вредност доаѓа од специфични и локализирани решенија, со фокус на учење и адаптација.
Fire Talk со Филомена Пљаковска Аспровска (Касис)
Оааа дискусија ја отвори темата за градење одржлив бизнис во услови на брзи промени и зголемени ризици. Разговорот се фокусираше на улогата на луѓето, довербата, транспарентноста и сајбер-безбедноста како клучни фактори за успех во ерата на вештачката интелигенција.
Пљаковска Аспровска нагласи дека компаниите мора постојано да еволуираат за да останат чекор пред новите закани, истакнувајќи дека инвестирањето во знаење и развој на вработените е клучно за иднината. „Во 2026 година Касис одбележува 25 години постоење, а растот го темелиме на стабилност, доверба и континуирано вложување во луѓето и безбедноста“, изјави Филомена Пљаковска Аспровска, извршна директорка на Касис.

Fire Talk со Иван Ивановски (Prime Capital)
Во разговорот со Иван Ивановски од Prime Capital беше отворена темата за инвестирање во услови на неизвесност, со фокус на АИ, пазарните евалуации и важноста на долгорочната стратегија. Пораката беше дека знаењето и финансиската писменост се клучни за носење одржливи инвестициски одлуки.

Интервју со Драган Филиповиќ, CEO на Generali Осигурување
Крајот на вториот панел го заокружи разговорот со Драган Филиповиќ, извршен директор на Generali осигурување Србија, кој ја истакна улогата на осигурувањето како клучен стабилизатор во време на економска и геополитичка неизвесност.
„Осигурувањето е амортизер на кризите – со мала премија може да спречат сериозни финансиски последици и да се обезбеди стабилност“, истакна Филиповиќ.
Интервју со Немања Маринковиќ, ArcelorMittal Projects Balkan
Веќе во завршниот дел од самата конференција, разговорот со Немања Мариновиќ, CEO на ArcelorMittal Projects Balkan ја насочи дискусијата кон долгорочната инфраструктурна и економска иднина на регионот. Мариновиќ се осврна на деиндустријализацијата во Европа, улогата на рециклирачкиот челик и значењето на клучната, но често невидлива инфраструктура, посочувајќи ги и предизвиците како доцнења, недостиг на кадар и перцепција за корупција. Тој нагласи дека стратегијата на ArcelorMittal е фокусирана на квалитет и техничка супериорност, со порака дека промените треба да се гледаат како можност, а не како пречка.

Интервју со Саша Поповиќ, генерален директор на VegaIT
Конференцијата заврши со интервју со Саша Поповиќ, генерален директор на Vega IT, кој понуди поширок поглед на улогата на технологијата и луѓето во современиот бизнис развој. Во фокусот беше градење на глобален бизнис од првиот ден, диверзификацијата по пазари и индустрии, и стратешката примена на вештачката интелигенција како можност за раст, а не како закана.
Посебно беше истакнат партнерскиот модел на Vega IT, преку кој вработените стануваат ко-сопственици и активно учествуваат во градењето на компанијата. Интервјуто ја заокружи конференцијата со јасна порака за важноста на долгорочното размислување, инвестирањето во талент и создавањето силна организациска култура, способна да се справи со кризи токму преку знаење, ширина и заедништво.















