Доживотен затвор за Американецот кој ја убил и ја распарчил својата сопруга Србинка! Тој сè негира

Точка

18/12/2025

20:41

451

Големина на фонт

а а а

Иако телото никогаш не беше пронајдено, обвинителството изгради цврст случај врз основа на огромна количина посредни и дигитални докази.

Американецот Брајан Волш од околината на Бостон во четвртокот беше осуден на доживотен затвор без можност за помилување поради бруталното убиство на својата сопруга Ана Волш, по потекло од Србија. Пресудата беше донесена речиси три години по нејзиното исчезнување на Нова година 2023, а нејзиното тело никогаш не беше пронајдено.

Волш, кој за време на изрекувањето на пресудата не покажа никакви емоции, остатокот од животот ќе го помине зад решетки.

Поротата во понеделникот го прогласи Волш за виновен за убиство од прв степен, што во сојузната држава Масачусетс автоматски носи казна доживотен затвор без право на условен отпуст. Претходно тој се изјасни за виновен за попречување на истрагата и за несоодветно отстранување на телото, тврдејќи дека сопругата ја пронашол мртва во кревет и дека во паника ги распарчил и ги фрлил нејзините остатоци.


Потресни зборови од сестрата и судијката

Пред изрекувањето на пресудата, пред судот се обрати сестрата на Ана, Александра, чие сведочење длабоко ги потресе сите присутни. Таа ја опиша празнината и болката со кои се соочува семејството, особено истакнувајќи ја судбината на трите мали деца кои останаа без мајка.

„Се борам со тагата што доаѓа без предупредување, надевајќи се секое утро дека сето ова е само ужасен сон“, рече Александра.

„Најболниот дел од оваа загуба е сознанието дека нејзините деца сега мора да растат без мајчината рака што би ја држеле. Пред нив е живот полн со големи и мали пресвртници во кои нејзиното отсуство длабоко и болно ќе се чувствува“, додаде таа.

Судијката Дајан Френиер ги нарече злосторствата на Волш „варварски и неразбирливи“, осудувајќи го неговото „измамничко и манипулативно однесување“. Покрај доживотната казна, му изрече и дополнителни, последователни казни од 19 до 25 години затвор за заплашување сведоци, како и две до три години за несоодветно отстранување на телото. Неговата одбрана ваквата одлука ја нарече „претерана“.


Морничави дигитални траги и распаднат брак

Иако телото никогаш не беше пронајдено, обвинителството изгради силен случај врз основа на огромна количина посредни и дигитални докази. Клучна улога одиграа интернет-пребарувањата на Волш на уредите на неговите деца во деновите по исчезнувањето на Ана. Тој пребарувал поими како „распарчување и најдобри начини за отстранување на тело“, „колку време му треба на телото да почне да мириса“ и „пила за коски како најдобра алатка за сечење“. Исто така истражувал и „колку долго некој мора да биде исчезнат за наследниците да добијат имот“. Обвинителството сметаше, а судот се согласи, дека ја убил во нивната семејна куќа во околината на Бостон.

Надзорните камери снимиле маж налик на Волш како фрла тешки кеси со отпад во контејнери недалеку од семејниот дом. При пребарување на постројка за обработка на отпад биле пронајдени предмети кои обезбедиле клучни докази: секира, чекан, пила за метал, заштитен костум, средства за чистење, ташна од марката „Prada“, чизми какви што Ана последен пат носела, како и нејзината потврда за вакцинација против „COVID“. Форензичката анализа потврдила присуство на ДНК на Ана на секирата и пилата, додека на заштитниот костум биле пронајдени траги од ДНК на двајцата сопружници.


Обвинителите како можни мотиви ги навеле финансиската корист, бидејќи Брајан бил единствениот корисник на полиса за животно осигурување на Ана во вредност од еден милион долари, но и распадот на бракот. Во времето на убиството, Брајан бил во куќен притвор чекајќи пресуда за измама со уметнички дела, додека Ана, успешна агентка за недвижности, работела во Вашингтон и започнала вонбрачна врска.

Одбраната на Волш тврдеше дека станува збор за „ненадејна и необјаснива смрт“, а не за убиство, и дека двојката планирала заедничка иднина. Сепак, за време на судењето не повикаа ниту еден сведок, а самиот Брајан Волш одби да сведочи. Случајот сега, согласно законите на Масачусетс, автоматски оди во жалбена постапка пред Врховниот суд. Трите деца на брачниот пар Волш и понатаму се под старателство на државата.