[ВИДЕО] Тошковски: „Безбеден град“ дава резултати, на Клиниката за трауматологија има 20 отсто помалку пациенти со тешки телесни повреди

Точка

18/12/2025

21:50

379

Големина на фонт

а а а

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски очекува поддршка од пратениците во однос на измените на Законот за прекршоци и Кривичниот законик, последни од пакетот законски измени за официјална примена на системот „Безбеден град“.

Системот од почетокот на месецот е во пробна фаза, а истата ќе трае до крајот на јануари.

Како што појасни Тошковски во вечерашното гостување на ТВ Канал 5, измените на Законот за прекршоци, кој се наоѓа во втора фаза на собраниска процедура, бараат двотретинско мнозинство, додека за измените на Кривичниот законик е потребно просто мнозинство.

„Се надевам дека сериозноста на овој проект ќе биде препознаена од сите пратеници и дека ќе дадат поддршка за да може да започне неговата целосна примена“, истакна министерот, додавајќи дека стартот на системот ќе се пролонгира доколку Законот за прекршоци не добие поддршка од страна на Собранието.

Тој нагласи дека целта на законските измени е пред сè заштита и спасување на човечки животи.

Според Тошковски, резултатите од 15-дневниот пробен период веќе покажуваат позитивни ефекти. На Клиниката за трауматологија е евидентирано намалување од 20 отсто на пациенти со тешки телесни повреди, додека бројот на донесени пациенти е намален за 15 до 20 отсто.

Министерот увери дека техничките проблеми ќе бидат надминати најдоцна до 1 февруари, а најави и донесување подзаконски акти со кои ќе се утврдат дозволеното пречекорување на брзината и локациите на камерите, со цел дополнително намалување на бројот на жртви и повредени во сообраќајот.

„Во тек е ревизија и на знаците. Секаде каде што има камера за констатирање зголемена брзина, задолжително ќе биде ревидиран и сообраќајниот знак согласно важечкиот сообраќаен проект“, изјави Тошковски.

Тој информираше дека видео-записите ќе се чуваат согласно законските прописи, а граѓаните ќе добиваат информации за сторените прекршоци преку нова апликација на МВР.