[ФОТО] „Renault“ го укинува својот најмал и најнеобичен електричен модел

Точка

16/12/2025

17:40

216

Големина на фонт

а а а

Крај на електричната микро-мобилност што ја започна „Twizy“.

„Renault“ одлучи да го згасне својот проект за електрична микро-мобилност и да го повлече од сцената подбрендот „Mobilize“, со што предвреме се укинати моделите "Duo" и "Bento".

Овие мали градски електрични четирицикли, замислени како наследници на култниот модел „Twizy“ (2012), не успеаја да се етаблираат посериозно на пазарот.

„Mobilize“ беше лансиран во 2021 година со цел развој на решенија „надвор од класичната автомобилска индустрија“.


По концептот „EZ-1“, беа претставени моделите "Duo" и "Bento", кои влегоа во сериско производство во 2024 година.

Меѓутоа, само една година подоцна, „Renault“ одлучи да ги укине и возилата и целиот подбренд „Mobilize“, кој повеќе нема да постои како посебна целина.

Со тоа завршуваат и "car-sharing" услугите во Милано, додека Мадрид е следен на листата за затворање во 2026 година. Како причини се наведуваат ограничената профитабилност и неусогласеноста со новите стратешки приоритети на „Renault Group“.


Сепак, дел од активностите на „Mobilize“ продолжуваат. „Renault“ го задржува фокусот на решенијата за полнење на електрични возила, кои сега се интегрирани во работењето на „Renault Group“.

Ова вклучува повеќе од еден милион достапни полначи низ Европа, планови за ултрабрзи станици во Франција и Италија, како и десетици илјади корисници на сервисот „Charge Pass“.

И покрај гаснењето на проектот, „Renault“ порачува дека „Mobilize“ ја исполнил својата улога како инкубатор за иновации и ѝ помогнал на компанијата да тестира нови деловни модели во ерата на електричната мобилност.