Саул Нигез ја збогати својата играчка кариера со интернационално искуство надвор од Европа, а во својот краток период кој го мина во Фламенго, веќе успеа да ја подигне титулата во Копа Либертадорес, но воедно и да го слави трофејот во бразилското првенство.
Долгогодишниот „воин“ на Диего Симеоне донесе конечна одлука да се раздели со Атлетико после многу успешни сезони, па иако во прв момент имаше договорен трансфер во Турција, во последен час се премисли и отпатува за Бразил по повик на својот поранешен соиграч Филипе Луис.
Овој потег се покажа како полн погодок и Саул веќе утре ќе игра за третиот голем трофеј во краток временски интервал, бидејќи Фламенго ќе биде дел од финалето на Интерконтиненталниот Куп на ФИФА против ПСЖ.
Воочи финалето, Саул одработи интервју за „АС“ за импресивните пет месеци кои ги има во Бразил, а притоа заклучи дека Фламенго е поголем клуб и од Реал Мадрид.
– Малку е да се каже дека Фламенго е голем клуб. Фламенго е гигантски клуб, има неверојатни услови за работа и неверојатна инфраструктура, но најизненадувачка е фан базата. Нема ништо поголемо во светот од фан базата на Фламенго.
– За мене, Фламенго е поголем клуб од Реал Мадрид. Ако гледаме реално, Реал Мадрид нема вистински навивачи. Реал Мадрид е глобално познат клуб поради се што има освоено и има милиони следбеници, но кога играте на нивниот стадион, не чувствувате ништо посебно. За разлика од „Бернабеу“, кога играте на „Маракана“ гледате исполнет стадион со навивачи кои френетично навиваат. Освоив важни титули со Атлетико, славевме големи титули, но ова што го доживеав тука беше неверојатно. Имаше пет пати повеќе луѓе од прославите кои ги имавме со Атлетико, имаше повеќе од 500 илјади навивачи кои ја славеа титулата во Копа Либертадорес. Не можевме да се пробиеме со автобусот од толпата луѓе која беше излезена на улиците, – вели Саул.







