Пех во последен момент: Димитриевски вечерва нема да биде на голот на Валенсија

Дерби

16/12/2025

13:23

179

Големина на фонт

а а а

Столе Димитриевски беше предвиден стартер на голот на Валенсија на вечерашниот Куп натпреварот против Спортинг Хихон, но рано утрово пристигна информација дека македонскиот чувар на мрежата сепак нема да може да им помогне на своите соиграчи.

Иако тренерот Карлос Корберан на вчерашниот прес нагласи дека за Хихон нема да отпатува само Ерај Чомерт, направените прегледи детектирале повреда кај уште двајца фудбалери, а тоа се Столе Димитриевски и Аранут Данжума.

Како што се вели во медицинскиот извештај на Валенсија, Димитриевски го повредил адукторот и ќе мора да добива третман во наредниот период, а според фудбалската пракса за вакви повреди, Столе ќе биде во аут околу три недели.

Тоа значи дека Димитриевски става предвремен крај на 2025-та година, а ќе мора да се надева на победа на Валенсија вечерва против Хихон, за да има нови шанси за настап во Купот како стартен голман во ова натпреварување.

По информацијата за повредата на Македонецот, тренерот Корберан ќе треба да донесе одлука кој ќе се најде во стартниот тим вечерва против Спортинг, односно дали ќе се одлучи за сигурната опција Агиресабала, или ќе му даде шанса на Кристијан Риверо.