Холивуд е потресен од шокантната вест за смртта на легендарниот актер и режисер Роб Рајнер и неговата сопруга Мишел Сингер Рајнер. Парот во неделата, на 14 декември, беше пронајден мртов во својот дом во Лос Анџелес, а полицијата случајот го истражува како убиство.
Како што пренесуваат американските медиуми, телата ги пронашла нивната ќерка Роми, а за злосторството наводно е осомничен нивниот син Ник, кој со години се борел со зависност.
Иако сè уште нема официјална потврда, извори запознаени со истрагата тврдат дека за смртта е одговорен синот на парот, Ник Рајнер. Во меѓувреме, семејството објави соопштение: „Со длабока тага ја соопштуваме трагичната смрт на Мишел и Роб Рајнер. Скршени сме од оваа ненадејна загуба и молиме за приватност во ова неверојатно тешко време“.

Во светло на оваа трагедија, во јавноста повторно се појави интервју кое Ник го дал во 2016 година, во кое отворено зборуваше за својата долготрајна борба со зависноста од дрога, бројните заминувања на рехабилитација и периодот кога, поради одбивање лекување, завршил како бездомник.
Долг и тежок пат
Ник во интервјуто откри дека првпат бил испратен на рехабилитација околу својот 15-ти роденден, со што започнал долг и мачен циклус на лекување. До својата 22-ра година поминал низ дури 17 различни установи, а тие искуства подоцна послужиле како инспирација за полуавтобиографскиот филм „Being Charlie“, на кој работеше со својот татко, кој воедно беше и режисер на филмот.
„Тоа не е мојот живот“, изјави тогаш Ник за филмот, „но бев на многу од тие места, така што имав многу од тие приказни“.
„Ако сакав тоа да го направам на свој начин...“
Едно од најтешките поглавја во неговата борба со зависноста, како што раскажа, следело откако одбил да се врати на рехабилитација.
„Ако сакав тоа да го направам на свој начин и не сакав да одам во програмите што ги предлагаа, тогаш морав да бидам бездомник“, објасни тој. Таа одлука го одвела во повеќемесечна нестабилност и живот на улица во неколку американски сојузни држави.

„Бев бездомник во Мејн. Бев бездомник во Њу Џерси. Бев бездомник во Тексас“, се присетил. „Ноќите ги поминував на улица. Недели поминував на улица. Не беше забавно“. Времето поминато на улица, движејќи се од засолниште до засолниште и спиејќи на отворено, била целосна спротивност на неговото детство во едно од најпознатите холивудски семејства.
„Тоа ме направи она што сум денес“
И покрај сите тешкотии, Ник истакна дека тоа искуство на крајот го обликувало.
„Тоа ме направи она што сум денес, морав да се соочам со тие работи“, рече тој. „Запознав неверојатно одлични луѓе, целосно надвор од мојот свет“. Призна дека и враќањето дома по тој период било предизвик на свој начин.

„Сега сум дома многу долго време и некако повторно се приспособив на животот во Лос Анџелес и на живеењето со семејството“, изјави. „Но, имаше многу мрачни години“.
„Можев да умрам“
Осврнувајќи се на тој период, Ник не ги минимизирал опасностите со кои се соочувал. „Кога бев надвор, можев да умрам“, изјави тој. „Сè е среќа. Фрлаш коцка и се надеваш дека ќе преживееш“.
Во време на интервјуто, по излегувањето на филмот „Being Charlie“ во 2015 година, Ник нагласи дека неговиот главен приоритет е да остане трезен, за никогаш повеќе да не се врати на улица.








