Чаби Алонсо го преживеа гостувањето во Виторија и си ја сочува работата како тренер на Реал Мадрид, а барем за момент ќе го намали и притисокот кој го создаваат шпанските медиуми веќе извесен временски период.
„Кралевите“ победија на натпреварот на кој мораше да се победи, па иако гостите од престолнината не брилјираа, одиграа доволно агресивно и напаѓачки за да освојат важни три бода.
Резултатот беше отворен во првото полувреме по една одлична комбинација меѓу Белингам и Мбапе која заврши со гол на Французинот, но во вториот дел следеше драма која донесе и доста нервоза на теренот.
Една лоша офсајд замка на гостите заврши со гол на Карлос Висенте во 70-та минута, а погодокот за 1:1 беше и тоа како голем предизвик за играчите во бело.
Во тие моменти, публиката во Виторија се понадева дека Алавес може да направи и целосен пресврт против големиот фаворит, но наместо тоа, шест минути подоцна пристигна одговор на спротивната страна.
Бразилската конекција Винисиус-Родриго го одржа Чаби во живот во овој критичен дел од тренерската етапа во Реал Мадрид, бидејќи првиот асистираше, а вториот лесно погоди на втор натпревар во низа.
Овие три бода се посебно значајни за тренерот Алонсо, бидејќи ако натпреварот завршеше со нерешен резултат или пораз, тој најверојатно немаше да го дочека утрешниот ден како шеф на стручниот штаб.







