[ВИДЕО] Градот му исцртал инвалидско место околу автомобилот и му наплатил четири казни

Точка

12/12/2025

12:42

539

Големина на фонт

а а а

Неверојатна ситуација му се случила на еден Британец кој го паркирал својот автомобил пред куќата и заминал на одмор. По враќањето го дочекало непријатно изненадување: градскиот совет околу неговото „Audi TT“ исцртал паркинг-место за лица со инвалидитет и му оставил дури четири казни за непрописно паркирање, пишува „Carscoops“.

Целиот случај стана вирален откако сопственикот на автомобилот минатиот месец објави видео на „TikTok“, обвинувајќи го локалниот совет за, како што смета, крајно спорно постапување.

Сè снимила надзорната камера

Сопственикот го паркирал својот црн „Audi TT“ легално на улицата пред својата куќа пред да замине на патување. За среќа, надзорната камера насочена кон улицата снимила сè што се случувало. Снимката покажува како на 17 ноември работници пристигнале и ги исцртале белите линии за инвалидско место, уредно заобиколувајќи го веќе паркираниот „Audi“.

Само четири дена подоцна, на 21 ноември, тој ја добил првата казна. Во наредните неколку дена пристигнале уште три. Апсурдноста на ситуацијата ја потврдила и една сосетка со објава на „Facebook“, наведувајќи дека советот ѝ доделил инвалидско место, но истакнала дека „Audi“-то било паркирано на тоа место веќе една недела.


Казните поништени, но дури по објавата

Сепак, сопственикот на „Audi“-то на крајот нема да мора да ги плати казните. Од Советот на Кројдон соопштија дека сите четири казни биле поништени една недела пред видеото да биде објавено на социјалните мрежи. Меѓутоа, сопственикот на автомобилот за „BBC“ изјавил дека од советот не добил никакво известување за поништувањето на казните и дека тие се огласиле дури откако снимката станала вирална.

Од советот објасниле дека исцртувањето паркинг-места околу веќе паркирани автомобили е „вообичаена практика“, бидејќи чекањето местото да се ослободи може да трае со недели. Исто така навеле дека сообраќајниот редар не бил информиран дека местото било свежо исцртано околу „Audi“-то, поради што и започнал да издава казни.