Владата е целосно посветена на економскиот развој и на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Градиме партнерства што носат конкретни придобивки за секое семејство, за секоја општина и за државата како целина, напиша на социјалните мрежи министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
„Сакам да бидам кристално јасен: оваа Влада ниту водела, ниту ќе води политика за прифаќање мигранти – во каква било форма.
Нема договори, нема преговори, нема квоти, нема центри, нема транзитни аранжмани. Таква иницијатива ниту е разгледувана, ниту постои политичка намера во таа насока. Сето тоа е апсолутна невистина“, нагласува Муцунски.
Владата е целосно посветена на економскиот развој и на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Градиме...
Posted by Timco Mucunski on Thursday, December 11, 2025
Според него, стратешкото партнерство со Обединетото Кралство се темели, како што вели, на меѓусебно почитување и доверба, како и на соработка во политиката, економијата и безбедноста.
„Тоа значи реални иницијативи и проекти што го забрзуваат економскиот развој, отвораат работни места и носат опипливи придобивки за граѓаните – а не сценарија измислени за дневнополитички потреби.
Темата за наводно прифаќање мигранти претставува класичен дневнополитички обид за дефокус – последица на драматично нискиот рејтинг и безидејноста во која СДСМ е заглавен подолг период. Крајно неодговорно е да се одржуваат прес-конференции врз основа на сензационалистички, непроверени и неточни информации, со што намерно се создава лажна перцепција во јавноста и, заради партиски интерес, се злоупотребуваат чувствителни теми“, пишува Муцунски.







