РЕСТОМОД-преработките денес стануваат сè попопуларни. Оваа оди чекор подалеку и од култниот "Volkswagen" создава ултимативен "sleeper", скриен спортист.
На прв поглед сината "VW Буба" 1303 изгледа како сосема обичен олдтајмер. Но доволни се само неколку секунди за да се открие нејзината вистинска природа. Без никаков звук од моторот, задните тркала почнуваат да го "ораат" асфалтот, чад од гумите го исполнува воздухот, а ситни парчиња стопена гума се разлетуваат по подлогата.
Причината не е воздушно ладениот боксер-мотор каков што би се очекувал, туку модерен трофазен асинхрон електромотор. За автомобилските љубители ова може да звучи како богохулство, но креаторите на проектот тврдат дека станува збор за успешен спој во кој современата електрична пропулзија не го нарушува легендарниот дизајн на Бубата.

"Knepper 1303 RS-E" е радикален проект
Рудигер Кнепер, сопственик на компанијата "Knepper Bugs & More", објаснува дека во секојдневна употреба се користи "Standard" режим на работа, ограничен на околу 200 коњски сили. Тоа е воедно и највисоката законски дозволена моќност на патиштата, со "TÜV" хомологација. Меѓутоа, целосниот потенцијал на Бубата изнесува 601 коњски сили и 702 Nm, без каква било контрола на пролизгување – моќност наменета исклучиво за тркачки патеки.
Дури и во редуцираниот режим Бубата покажува брутално забрзување. Силата се пренесува линеарно, но исклучително силно на задните тркала, создавајќи чувство на катапултирање при секое тргнување.

Почетокот е од пред 50 години
Основата на возилото е модел "VW 1303" од 1975 година, кој Кнепер и неговиот син Рене го пронашле на отпад во Калифорнија. Иако каросеријата била оштетена, возилото имало добра основа за проект. Реставрацијата била целосна – до последниот шраф – а мал број оригинални делови останале недопрени.
Каросеријата е обновена во сериски стил и повторно лакирана во "Marathon" сина нијанса. Највпечатливите модификации се благо проширените задни браници од карбон и карбонскиот кровен спојлер кој, покрај декоративната улога, носи и поголема стабилност при високи брзини.

Техника од "Porsche" и "Tesla"
Под лимаријата се крие речиси целосно нова механика. Суспензијата е комбинација од компоненти од "Porsche 944", како и делови од "KW", "Bilstein" и "Kerscher". Сопирачките се базирани на систем од "Porsche 944 Turbo S", додека напред се вградени дискови од "Porsche 964".
На фелни "Porsche Cup 2" се монтирани гуми "Toyo Proxes TR-1", димензии 195/45R17 напред и 235/45R17 назад.
Во возилото се вградени 17 батериски модули од "Porsche Taycan", распоредени напред и назад. Тие го напојуваат задниот електромотор од "Tesla Model S Performance", прилагоден на повисок напон. Резултатот е повеќе од 600 коњски сили на тркалата и околу 700 Nm вртежен момент, пренесен преку погонски полуосовини од "Porsche 930", без класичен менувач.
Во оптимални услови, електричната Буба забрзува до 100 км/ч за 2,9 секунди. Во зависност од стилот на возење, автономијата се движи помеѓу 100 и 250 километри. Полнењето е можно преку "CCS" приклучок или обична домашна струја со адаптер.

Кабина со ретро дух и модерни детали
Внатрешноста во голема мера останала верна на оригиналот, но спојката и рачката на менувачот се отстранети. Нивното место го зазема дигитална управувачка табла за електричниот погон. Вградени се седишта "Recaro" од "BMW 2002", а греењето е обезбедено со електричен грејач сместен под задната клупа.
Електронската конфигурација и калибрацијата на системот ги извршил тимот на "ESDI EV Technologies", под водство на Александер Лурман од Херфорд.
Дека проектот не е импресивен само на хартија, Рудигер Кнопер го докажал за време на четиринеделно патување во мај. На рутата низ Белгија, Франција, Шпанија, Португалија и Луксембург, вклучувајќи и траект од Севиља до Тангер во Мароко, електричната Буба поминала 8.000 километри без ниту еден технички дефект.
Без сомнение, станува збор за необичен проект кој, со одредена цена, ѝ подари на култната Буба нов живот во суперспортски стил, со голема доза носталгија.























