[ФОТО] Пастел де Белем е најдоброто слатко печиво во светот според „TasteAtlas“, „вистинскиот“ рецепт го знаат само тројца слаткари

Точка

10/12/2025

09:35

262

Големина на фонт

а а а

Во рамките на годишниот извештај, „TasteAtlas“ ја претстави и листата на најдобрите слатки печива во светот, а првото место го зазеде португалското печиво Пастел де Белем.

Пастел де Белем е традиционална пита со крем од јајца, која се прави од тесто полнето со комбинација од млеко, јајца, шеќер, лимон и цимет. Првиот рецепт за Пастел де Белем датира од 1837 година, кога го направиле монасите од Јеронимитскиот манастир.

Само кремастите пити произведени во „Fabrica dos Pasteis de Belem“ смеат да се нарекуваат Пастел де Белем, додека сите останати, кои ги произведуваат други слаткарници во Лисабон, се нарекуваат Пастел де Ната.


Рецептот се чува во строга тајност и е познат само на тројца слаткари во официјалната слаткарница „Fábrica dos Pasteis de Belem“. Смесата се подготвува во заклучена просторија наречена Oficina do Segredo – „Собата на тајната“.

Традиционално се печат во рерни на околу 300 °C, што ја создава карактеристичната карамелизирана површина и крцкавото дно.

„Официјалната“ слаткарница во Белем дневно служи повеќе од 20.000 парчиња во туристичката сезона – редиците се постојани и долги, но се сметаат за дел од искуството.

Без оглед на називот, овие пити може да се послужат топли или ладни, а во 2009 година „The Guardian“ го вклучи Пастел де Белем на листата од 50 „најдобри нешта за јадење“ во светот.


Португалското печиво на оваа листа доби оценка 4,59, а меѓу најдобрите се и грчкото тригона панораматос, потоа Пастел де Ната, кунeфе од Антакија, како и газиантепската баклава.

„TasteAtlas“ наведува дека оценките се формирани за 18.912 каталогизирани намирници, врз основа на 590.228 важечки оценки.

Потсетуваме, гастро-водичот „TasteAtlas“ ги објави своите годишни топ листи, а македонската кујна го зазеде 53-то место на листата на 100 најдобри со оцена 4,14.