Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, се дистанцира од обвинувањата за корупција што ја погодија Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), а претставници на ЕК изјавија дека истрагата не ја вклучува шефицата на Комисијата, пишува бриселскиот „Политико“.
Белгиските власти во вторник извршија рација и ги притворија поранешната висока претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, и поранешниот генерален секретар на ЕЕАС, Стефано Санино.
Комисијата соопшти дека случајот произлегува од претходната улога на Санино во ЕЕАС.
Санино вчера се повлече од функцијата шеф на одделот на Комисијата за Блискиот Исток, Северна Африка и Заливот.
Претставниците на Комисијата тврдат дека истрагата за наводното местење на тендери за академија за обука на идни дипломати на ЕУ нема никаква врска со фон дер Лајен, бидејќи дипломатската служба е посебна институција.
Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, исто така се дистанцира од истрагата.
Калас им кажа на вработените во ЕЕАС дека обвинувањата против Могерини и Санино се „длабоко шокантни“, но дека се случиле пред нејзиниот мандат, наведувајќи ги реформите започнати откако таа ја презеде функцијата.
Според изјавите на вработените во ЕЕАС, имало прашања за начинот на кој Санини ги извршувал дипломатските функции, вклучително и тврдења за фаворизирање.
Службеници на ОЛАФ претходно ја посетиле неговата канцеларија во ЕЕАС, додека Комисијата вели дека немала сознанија за претходните жалби кога го вработила.
Европското обвинителство во вторник објави дека побарало укинување на имунитетот за неколку осомничени, но не беше прецизирано за кои тела биле поднесени барањата.
Според претставници на ЕУ, барањето за одземање на имунитетот на Санини било испратено до ЕЕАС во септември, додека Комисијата не била информирана за тоа. ЕЕАС соопшти дека ќе постапува во согласност со законот.
Могерини, Санини и третото приведено лице се сметаат за невини додека не се докаже спротивното.
Санини не одговори на барањето за коментар.











