[ФОТО] Опомени и за брзина од 51 км/ч: Вака изгледа записникот по прекршок кој го регистрирале камерите на „Безбеден град“

Точка

03/12/2025

13:03

736

Големина на фонт

а а а

Камерите на системот „Безбеден град“ регистрирале околу 110.000 прекршоци за само 24 часа. Овој месец Министерството за внатрешни работи ќе го тестира системот пред официјално да започне примената на Законот за сообраќај од 1 јануари, со цел да се подобри безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Вчера, сопствениците на возилата кои ги прекршиле прописите добиваа само опомени, испратени преку СМС-порака или електронска пошта. Во пораката се наоѓа линк преку кој може да се пристапи до записникот и платниот налог со висината на глобата, која варира во зависност од видот на прекршокот.

На социјалните мрежи се појавија бројни реакции, особено за тоа што опомените стигнале и за брзина од само 51 км/ч.

Добрата вест за граѓаните е што кај сите налози на дното на записникот каде што се наведува жиро-сметката за уплата на глобата, јасно е наведено дека станува збор за фаза на тест период, па нема непосредни финансиски последици.


За потсетување, камерите во Скопје забележале околу 110.000 прекршоци во сообраќајот за 24 часа, а министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека најголем дел од нив се однесуваат за пречекорена брзина на возење.

„Околу 110.000 за 24 часа само за Скопје, катастрофална бројка. Околу 1.000 прекршоци се за нерегистрирани возила, околу 5.000 за поминување на црвено, а најстрашно е што над 90 отсто или повеќе е пречекорување на брзина“, кажа Тошковски.

Министерот, исто така, кажа дека правилата ќе важат за сите, дури и за функционерите, и никој нема да биде поштеден ако направи прекршок. Тој додаде и дека системот „Безбеден град“ има слабости и дека остануваат отворени за секакви решенија што ќе придонесат за намалување на бројот на жртви во сообраќајот.