Тринаесетте мобилни телефони и еден лаптоп пронајдени во ќелијата на обвинетиот за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, Џеваир Камбери, не биле негови, кажа на деншеното судење неговиот бранител Насер Рауфи.
Сопственикот на телефоните и на компјутерот самиот се пријавил и признал дека се негови.
„По вашата забелешка на минатото судење дека Камбери внел телефони, во меѓувреме детектиран е сопственикот на телефоните и лаптопот од страна на затворот, и не е Камбери. Го молам судот да се обрати до затворот за таа информација“, рече адвокатот Рауфи.

Судијката Диана Груевска-Илиевска неговата забелешка ја внесе во записникот.
Пред почетокот на минатото судење таа го предупреди обвинетиот Камбери дека му следи самица и други казни оти во неговата ќелија биле најдени 13 мобилни телефони и еден лаптоп.
Родителите на жртвите од „Пулс“ донесоа транспарент пред судницата: 63 сенки ќе ве следат засекогаш
Родителите и блиските на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс” во Кочани денеска се појавија на рочиштето во Идризово со голем транспарент на кој се испечатени ликовите на нивните најблиски што го загубија животот во трагедијата.
Транспарентот, на кој над фотографиите стои натписот „16.03.2025 – 63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда”, беше поставен на надворешната страна од металната безбедносна ограда околу судницата. Полицијата првично не дозволи поставување на транспарентот, но по кратки консултации даде одобрение тој да остане на оградата.
Поставен кон паркингот од каде што пристигнуваат обвинетите – меѓу кои и оние што се донесуваат со полициски комбиња – транспарентот имал за цел да ги потсети за загубените животи, велат родителите.
„Го донесовме транспарентот за да ги потсетиме ‘убијците’ што направија, затоа што на претходното рочиште рекоа дека не чувствуваат вина“, изјави Светлана Стојанова, мајка на Андреј Стојанов, кој загина во „Пулс”.
Слична реакција имаше и Јулија Златкова, мајка на загинатиот Андреј Златков. Таа рече дека за нив е контрадикторно тоа што ниту еден од обвинетите не признал вина.
– 63 убуени деца, 63 уништени иднини на децата и на нвините семејства. Многи контрадикторно беше што на минатото рочиште никој од обвинетите не се изјасни за виновен. Зарем треба ние родителите да ги потсетиме зошто се наоѓаат во судницата. Никој од нив немаше ниту грам сосвест и човечност да ја признае својата вина. Ни монструмот, ни син му, ни брат му, ниту соучесниците, дали биле од прв, втор, трет ред, никој не покажа барем човечност, а сите ние знаеме кој е виновен и се надевам дека ќе ја добиеме правдата за нашите убиени деца. 63 не е само бројка, 63 не е статистика. тоа се млади, убиени деца и 63 сенки ќе ги следат засекогаш. Искрено се надевам дека овие деца и ние семејствата ќе ја добиеме правдата бидејќи овие деца заслужуваат правда, рече таа.















