Бред Смит, пациент со АЛС, донел одлука да поврзе конференциска веб-камера со својот компјутер кој го контролира исклучиво со мислите. Иако тимот од „Neuralink“ првично бил збунет од идејата, резултатот е исклучително корисен „перископ“ кој му го олеснува секојдневието и му враќа дел од изгубената независност.
Кога Бред Смит им кажал на инженерите од „Neuralink“ дека сака да поврзе веб-камера со системот што го управува со мозочен имплант, реакцијата била крајно воздржана. „’Neuralink‘ навистина беше збунет од идејата“, изјави Смит за „The Verge“.
Оваа одлука дошла само шест месеци по имплантацијата на BCI (интерфејс мозок-компјутер) во ноември 2024 година, со што Смит станал третата личност со имплант на „Neuralink“, и првиот пациент со АЛС кој го користи. Иако BCI успешно го заменил претходниот софтвер за следење на поглед ("Eyegaze") како примарен начин за управување со курсорот, Смит брзо сфатил дека вистинската вредност на технологијата зависи од тоа како самиот тој ќе ја приспособи кон сопствените потреби.
Контролата на курсорот со мисли била одлична за интернет-пребарување – но тој сакал повеќе. Сакал да може да го следи својот син како трча по фудбалското игралиште.
„Направи сам“ пристап кон високата технологија
Иако на „Neuralink“ можеби не им било јасно зошто му треба таков „перископ“, Смит сам истражил и се одлучил за едноставна веб-камера „Insta360 Link 2“, во основа конференциска камера, а не медицинско помагало.
„Едноставно не знаеја зошто го сакам тоа – бидејќи не знаат низ што поминувам. Но, затоа сум јас тука“, објаснува тој.
Кога Смит ја избрал камерата, „Neuralink“ сепак помогнал – го купиле уредот и смислиле начин да го монтираат на неговата инвалидска количка.
Со камерата приклучена, Смит може да клика на интерфејсот, да го движи кадарот, да зумира и да ја следи околината. Така може да ги гледа изразите на лицата на гостите на вечера или да ги следи децата додека играат околу него – нешта што поради неподвижноста му биле невозможни.
Неуротехнолошкиот ветеран Нејтан Копланд, кој повеќе од деценија користи BCI од „Blackrock Neurotech“, го опиша ова како „одличен хак“. Тој нагласува дека BCI системите се „само алатка“ и дека корисниците често мораат да ги комбинираат со различни уреди и софтвер за да функционираат во реалниот свет.

Техничкиот дел од приказната
Уредот на „Neuralink“ работи така што ја снима комуникацијата меѓу невроните. Кога Смит ќе помисли да ја помести раката, невроните испраќаат сигнали кои електродите ги претвораат во движење на курсорот.
Ова е огромен напредок во однос на неговиот претходен "Eyegaze" систем, кој бил напорен за користење и неупотреблив на сонце. Сега, Смит вели дека управувањето е како „да движиш глувче без да мислиш дека движиш рака“.
Интересно е што и компанијата „Insta360“ се вклучила – во мај Смит стапил во контакт со нив, а тие ја модифицирале контролата на камерата "Link 2" со поголем опсег на ротација, побрзи движења (до 15 степени во секунда) и попрецизни микроконтроли.

Креативност родена од потреба
Пред имплантот и камерата, Смит се потпирал на многу побазични „хакирања“ – на пример, користел ѕвонче за кучиња од 20 долари наместо скап болнички копче-за-повик.
Јан Беркхарт, поранешен BCI-корисник и основач на група за поддршка, вели дека инвалидитетот често „ја буди креативноста“ – луѓето се принудени да создаваат решенија за кои технологијата оригинално не била дизајнирана.
Во овој случај, контрастот меѓу напредниот мозочен имплант и обичната веб-камера совршено го илустрира процесот: корисниците мораат да ја „закрпуваат“ технологијата за да одговара на нивниот живот.

Поглед кон иднината: BCI што ќе се спојува со сè
Смит предвидува иднина во која BCI ќе се интегрира беспрекорно со другите системи – паметни домови, инвалидски колички, електроника.
„Во поширока смисла, ова им отвора врата на сите пациенти со "АЛС" да останат продуктивни, општествени и полни со надеж“, вели тој. „Не станува збор само за технологијата. Станува збор за повторна хуманизација и враќање на контролата во свет каде што нашите тела нè напуштаат.“













