Запален е олимпискиот пламен за ЗОИ 2026: Факелот се подготвува за патување кон Милано и Кортина

Точка

26/11/2025

17:32

218

Големина на фонт

а а а

Олимпискиот факел за Зимските олимписки игри 2026 во Милано и Кортина беше запален во средата, на 26 ноември, на затворена и помала церемонија во античката Олимпија поради лошите временски услови во Грција.

Традиционалната церемонија, која вообичаено се одржува на стадионот каде што биле организирани првите Олимписки игри во античка Грција, на која актерки облечени како старогрчки свештенички ги користат сончевите зраци за да го запалат факелот, беше откажана поради предупредувања за обилни врнежи.

Наместо тоа, беше употребен резервниот пламен, запален на истото место во понеделникот за време на последната проба.

Прв носител на факелот беше грчкиот кајакар Петрос Гајдацис, бронзен медалист на Олимписките игри во Париз 2024 година. Факелот потоа и беше предаден на италијанската скијачка Стефанија Белмондо.

Пламенот ќе биде носен низ Грција седум дена, пред да биде предаден на италијанските организатори на ЗОИ во Атина на 4 декември.

„Денешната церемонија нè потсетува на тоа што го претставуваат Олимписките игри: обединување на луѓето во мирно натпреварување, пријателство и почит. Додека го палиме олимпискиот пламен, го носиме ова светло од нашето далечно минато во нашата заедничка иднина“, изјави претседателката на МОК, Кирсти Ковентри.

Зимските олимписки игри ќе се одржат од 6 до 22 февруари 2026 година во Милано и Кортина.