„Apple“ во последните две недели тивко отпушти десетици вработени во својот продажен сектор, што претставува еден од ретките бранови откази во историјата на компанијата. Одлуката ги изненади вработените, бидејќи доаѓа во момент кога компанијата бележи најбрз раст на приходите во последните неколку години.
Отказите зафатија повеќе различни тимови во рамките на продажната организација, но компанијата не прецизираше точен број на укинати позиции. Меѓу погодените има менаџери задолжени за големи бизнис-клиенти, училишта и државни институции, како и вработени во „Apple“ центрите за презентации и состаноци со големи купувачи.
Од „Apple“ потврдија дека спроведуваат реорганизација, но без конкретни бројки. Додаваат дека истовремено и натаму вработуваат, со порака дека отпуштените работници можат да конкурираат за нови позиции внатре во компанијата.

Кратења додека приходите достигнуваат речиси 140 милијарди долари
Овој потег е особено впечатлив поради фактот што „Apple“ бележи исклучително силни финансиски резултати. Компанијата е на пат во декемврискиот квартал да оствари приход од речиси 140 милијарди долари, што би било историски рекорд.
Паралелно со тоа, „Apple“ подготвува нов, поевтин лаптоп за 2026 година, со кој планира дополнително да ја зајакне позицијата во образованието и бизнис-секторот. Токму затоа отказите во продажба предизвикаа дополнително незадоволство меѓу вработените.
Најновиот бран следува откако „Apple“ веќе укина околу 20 продажни позиции во Австралија и Нов Зеланд неколку недели претходно. Вработените кои сега остануваат без работа имаат рок до 20 јануари да пронајдат нова позиција во рамките на компанијата, во спротивно ги очекува отказ со компензација.
Внатре во „Apple“, раководството ги претставува овие потези како дел од план за намалување на преклопувањето на одговорностите и поедноставување на продажниот систем. Сепак, дел од вработените тврдат дека вистинската причина лежи во сè поголемото пренасочување на продажбата кон трети страни и дистрибутери, што му овозможува на „Apple“ да ги намали трошоците за плати.

На удар и луѓе со повеќе од 20 години стаж
Меѓу отпуштените има и долгогодишни менаџери, како и вработени кои во „Apple“ поминале по 20 или дури 30 години. Посебно се погодени тимовите кои работеа со американските државни институции, вклучувајќи ги Министерството за одбрана и Министерството за правда.
Тие тимови веќе претходно се соочуваа со отежнати услови поради долгите застои во работата на американската влада и мерките за намалување трошоци што ги спроведуваше Министерството за ефикасност на државната администрација.
Продажната организација на „Apple“ директно одговара на генералниот директор Тим Кук, а со неа раководи долгогодишниот потпретседател Мајк Фенгер. Неговиот заменик, Вивек Такар, годинава доби проширени овластувања и сега ја надгледува целата продажба во образовниот и бизнис-секторот.
„Apple“ важи за компанија што исклучително ретко прибегнува кон масовни откази, а Тим Кук претходно изјавуваше дека таквите потези се последна опција. Сепак, во текот на 2024 година компанијата веќе укина поголем број работни места поради откажани проекти, вклучувајќи ја програмата за самоуправувачки автомобил и развојот на интерни екрани.
За разлика од „Apple“, остатокот од технолошкиот сектор продолжува со масовни резови. „Amazon“ неодамна најави отпуштање на повеќе од 14.000 работници, додека „Meta“ укина неколку стотини позиции во своите AI-тимови.









