Во развиените држави ги среќавам моите најдобри студенти, а на Клинички ме фаќа страв каква услуга ќе добијам, рече Беќаровски

Макфакс

26/11/2025

13:08

180

Големина на фонт

а а а

Партизацијата тотално го деградира квалитетот на јавното здравство и затоа итно се потребни системски промени за кои мора посилно да притискаат сите засегнати страни, особено граѓанскиот сектор – беше главната порака од панел-дискусијата што ја организира вчера балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“.

„Со жалење можам да кажам дека последниот фер конкурс за вработувања во јавното здравство е одржан веројатно во 1991 година, значи кога Македонија стануваше самостојна држава. Потоа следуваат речиси 35 години партиско мешање при вработувањата лекари и друг медицински персонал, што доведе до катастрофално влошување на квалитетот на здравствените услуги. Трагично е што во 2025 година во која и да било развиена држава да отидам, ќе најдам свои студенти, кои биле меѓу најсолидните во својата генерација, а кога ќе тропнам на вратите на Клиничкиот центар во Скопје, искрено ме фаќа страв на каква услуга ќе наидам затоа што може да замислите кој сѐ се вработувал со партиски врски“, истакна проф. д-р Нико Беќаровски од Универзитетската клиника за токсикологија, инаку познат гласен говорник за аномалиите во јавното здравство.

Да потсетиме, „Солуција“ преку граѓанската сила „Замисли“ и заедно со Македонското здружение на младите правници, Клубот на младите лекари и Асоцијацијата на специјализантите и младите лекари бара укинување на дискреционото право на директорите на јавните здравствени установи при вработувањата.

Катарина Синадиновска од „Солуција“ рече дека за три години се сменија четири министри за здравство и со сите досега е разговарано за измени во Законот за здравствената заштита. „На крајот, успеавме да се избориме да бидеме вклучени во работната група за измени на регулативата. Актуелниот ресорен министер Азир Алиу и јавно во интервју ја поддржа нашата иницијатива и рече дека се подготвуваат 12 законски измени заедно со претставници на лекарски здруженија, синдикати, комори и тимови од Министерството за здравство за да бидат синхронизирани и да не се кочат процесите во здравствениот систем“.

Гоце Коцевски од Македонското здружение на младите правници, правен експерт на иницијативата, истакна дека Законот за здравствената заштита е тотално анахрон и дека само во здравствениот сектор сѐ уште директорот има дискреционо право на оглас да го вработи оној што тој ќе го избере од пријавените кандидати, а не најдобриот од ранг-листата. „Ниту во корпоративниот сектор директорот не е секогаш последниот што одлучува кој ќе се вработува. Директорот на здравствена установа има одврзани раце кого ќе вработи и покрај мислењето од комисијата, која самиот ја составува. Ако сака, може и последниот од ранг-листата да го вработи. Ние предлагаме да не одлучува комисија составена од директорот, туку комисија составена од стручниот колегиум на здравствената установа. Со други зборови, да не ве оценува некој што не е тесно поврзан со вашата област“, рече Коцевски. Тој истакна и дека се задоволни од досегашната работа и дека во работната верзија на законот, меѓу другото, прифатени се нивните барања, како, на пример, огласот за вработување да трае 15 дена, да се објави онлајн на повеќе места, а не само во печатени медиуми, како и тоа комисијата да биде клучна, која ќе ги спроведе трите фази на проверка и да го спроведува интервјуто.

Професор д-р Горан Димитров од Македонското лекарско друштво смета дека реформите мора да се туркаат во правец да им се дозволи на сите здравствени работници да може најдобро да го искористат својот потенцијал. „Политичката волја тука е клучна. Сѐ додека директорите на клиниките се поставувани од партиите на власт, тие ќе ги слушаат нивните инструкции, а нема да бидат првенствено загрижени за напредокот и развојот на организацијата што ја предводат“, рече Димитров. Тој се залага и за цврста законска рамка, што ќе ги регулира сите сфери од здравството, како, на пример, лекарските специјализации. „Мора да се пропише институцијата што има потреба од одредени профили на лекари, таа да ги стипендира, односно спонзорира нивните специјализации“.

Бојан Трајковски од Асоцијацијата на младите лекари и специјализантите го истакна проблемот и на хиперпродукцијата на кадри во здравството, која не раѓа квалитет, туку напротив.

„Сега имаме премногу медицински и стоматолошки факултети, при што е значително спуштено нивото на тоа кој сѐ се прима како студент и кој дипломира на крајот. Не може секој и не треба секој да е лекар. Државата мора да има стратегија и за тоа колку специјализации ѝ требаат и во кои области. Не може да специјализира оној што има желба, туку за она што државата има реални потреби“, истакна Трајковски. Тој додаде и дека оние медицински кадри што го решиле прашањето на своето вработување, а поминале низ голготата на партизацијата во здравството, не треба да молчат.