Нема да има нови ресори, еден човек ќе биде и вицепремиер и министер за нешто, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со пополнување на испразнетите ресори поради заминувањето на Изет Меџити на градоначалничката позиција во Чаир, а тој беше и прв вицеремиер и министер за животна средина.
Мицкоски најави дека оваа недела ќе се знаат имињата и рече дека тоа се оние имиња што горе долу циркулираат во јавноста.
„Можам да кажам дека оваа недела ќе се знаат имињата. Но, она што е сигурно е дека политичките партии, кои ја сочинуваат коалицијата ‘Вреди’, оние ресори, оние портфолија што досега беа во Владата, ќе ги задржат, така што тука нема да има дополнителни промени, нема да има дополнителни сектори. Тоа е договорено во рамките на нашата заедничка коалиција“, рече Мицкоски.







