Биолозите опишаа откритие кое би можело да претставува целосно нова гранка на дрвото на животот, а организмот со години се криел директно пред нивните очи.
Минијатурниот микроорганизам, наречен „Solarion arienae“, бил откриен во култура на морски трепетлики собрани во хрватските води уште во 2011 година. Забележан бил дури откако трепетликите ненадејно угинале во лабораторија, пишува "Science Alert".
Главните автори на студијата, Иван Чепичка и Марек Валт од Карловиот универзитет во Чешка, ја истакнаа важноста на ова откритие.
„Овој организам ни овозможува да погледнеме во едно многу древно поглавје од еволуцијата на клетките, кое претходно можевме да го реконструираме само индиректно“, наведуваат истражувачите.
Научниот тим признава дека со години ги игнорирал слабоподвижните клетки на "Solarion" во културата.
„Имајќи предвид дека го пропуштивме "Solarion" дури и во нашата долготрајна лабораториска култура, многу е веројатно дека би останал незабележан во природните примероци“, додаваат тие.
Нова гранка во светот на еукариотите
Микроорганизмот има карактеристичен, сончевиден изглед, но уште повпечатливи се структурите во неговата внатрешност. "Solarion" е едноклеточен еукариот, што значи дека поседува јадро и митохондри — органели кои создаваат енергија во клетките.
Анализите покажале дека "Solarion" не припаѓа ниту на една досега позната група еукариоти. Научниците го сместија во ново колено, кое го дели само со еден познат протист — „Meteora sporadica“. Двете групи припаѓаат на новосоздаденото царство кое ги опфаќа и далечните протисти „Provora“ и „Hemimastigophora“.
🔬Published in Nature!
— CepickaLab (@CepickaLab) November 19, 2025
Long awaited report on the discovery of Solarion arienae — a rare protist with sun‑like cells and novel predatory extrusomes. It retains ancestral mitochondrial genes like SecA, broadening our view of early eukaryotic evolution.
👉https://t.co/27hJmkyC40 pic.twitter.com/BRlZ8ygQDW
Митохондрии кои го чуваат трагот на древниот живот
Посебноста на "Solarion" лежи во неговите митохондри, кои значително се разликуваат од сите досега опишани. Во нив бил пронајден генот "secA", остаток од молекуларните механизми кои ги поседувале древните бактерии од кои се развиле митохондриите.
Овој ген веќе не постои во модерните еукариоти. Откритието претставува директен увид во времето кога протомитохондриите сè уште биле самостојни организми што штотуку започнувале симбиоза со раните еукариоти.
Научниците велат дека присуството на "secA" дава „невиден увид“ во еволуцијата на првите еукариотски клетки и во односот што довел до создавањето на сите денешни сложени облици на животот.
Жив фосил од Јадранот
„Solarion е извонреден потсетник на тоа колку малку знаеме за разновидноста на микробниот свет“, порачуваат Чепичка и Валт. „Откритието на ваква еволуциски длабока лоза — суштински жив фосил — покажува дека клучни делови од еукариотската историја сè уште се скриени на места што ретко ги истражуваме.“
Студијата е објавена во списанието "Nature".









