Рутинскиот преглед на еден автомобил во сервис во Њу Џерси, САД, се претвори во вирален хит откако еден механичар откри неверојатна глетка – сопственикот на возилото со години не ги менувал гумите, а една дури „ја поправил“ со леплива лента.
Снимката брзо го обиколи светот и предизвика лавина реакции, пренесува "Revija HAK".
Неверојатно откритие
Механичарот Вил Нивен на "TikTok" објави видео од прегледот на возилото кое пристигнало во неговата работилница.
Додека проверувал гума по гума, размерите на штетата и занемарувањето станувале сè поочигледни.
Сите гуми, произведени во 2015 година, биле во катастрофална состојба, но една посебно се издвојувала – нејзината структура била толку оштетена што од целосно распаѓање ја делела само лепливата лента.
Систем кој дозволува опасност
Се поставува прашањето како е можно вакво возило воопшто да учествува во сообраќај. Одговорот лежи во фактот дека американската сојузна држава Њу Џерси уште во 2010 година го либерализирала системот на технички прегледи.
Во пракса тоа значи дека и возила со потенцијално опасни механички проблеми, како ова од видеото на Нивен, можат легално да се движат по патиштата.
Како што се наведува, ваквата негрижа за исправноста на возилото претставува директна закана по безбедноста.
Според податоците на Националната управа за безбедност на патниот сообраќај на САД (NHTSA), проблемите поврзани со гумите предизвикуваат околу 11.000 сообраќајни несреќи годишно, во кои живот губат приближно 200 лица, пренесува Index.











