ФИФА му прогледа „низ прсти“ на Роналдо – Суспензија од еден натпревар

Макфакс

25/11/2025

19:41

164

Големина на фонт

а а а

Кристијано Роналдо ќе биде достапен на португалскиот селектор, Роберто Мартинез за првиот натпревар на Светското првенство следното лето, и покрај тоа што доби црвен картон во квалификацискиот натпревар против Република Ирска.

Роналдо (40), беше исклучен откако го удри со лакт, противничкиот играч Дара О’Шеа, за време на поразот на Португалија од 2:0.

Иако насилното однесување обично се казнува со суспензија од три натпревари, ФИФА одлучи дека вториот и третиот натпревар ќе бидат условни на една година.

Како што дознава Би-би-си Спорт, земено е предвид дека ова за Роналдо е првиот црвен картон во 226 настапи за португалската репрезентација.

Роналдо веќе ја отслужи суспензијата со тоа што не играше против Ерменија на 16 ноември, па затоа нема да пропушти ниту еден натпревар од Светското првенство во САД.

Роналдо постигна пет гола во квалификациите, а со освојувањето на првото место во Групата Ф, Португалија се пласира на своето седмо последователно учество на Светското првенство.

Ждрепката за Светското првенство ќе се одржи во петок на 5 декември