Метју Меконахи ретко зборува за својот љубовен живот, но овојпат ја отвори душата повеќе од кога било. Во својот „њузлетер“ „Lyrics of Living“, 56-годишниот актер се осврна на поранешните врски, славните поранешни партнерки и моментот кога сфатил дека конечно ја нашол жената на својот живот – Камила Алвес.
Актерот откри дека во своите триесетти години помислил дека засекогаш ќе остане неженет. Сè се променило кога, како што вели, добил своевиден „знак во сон“ кој му порачал да престане да ја форсира потрагата по совршената жена. „Сфатив дека сакам да бидам татко. Пораката беше јасна – престани да бркаш, препушти се и дозволи вистинската жена сама да се појави“, напишал Меконахи.

И токму тоа го направил: престанал да бара, а само три месеци подоцна ја запознал Камила. Пред бракот, Метју беше во врски со бројни познати актерки, меѓу кои Сандра Булок, Пенелопе Круз и Рене Зелвегер. Сепак, признава дека ниту една од нив не била „онаа вистинската“.
„Запознавав, поминував време и сериозно се забавував со прекрасни жени, но сите тие беа станици по патот, не и крајна цел“, напишал тој. „Во моите средни триесетти барав животна партнерка, најдобар пријател, идната мајка на моите деца. Ја барав неа“.

А потоа дошла Камила. „Три месеци подоцна ја запознав. И дваесет години подоцна таа е сè уште единствената жена со која сакам да излезам, да спијам и да се разбудам покрај неа“, призна актерот.
Метју и Камила почнале да се забавуваат во 2006 година и добија две деца пред бракот – Леви (17) и Вида (15). Се венчаа во 2012 година. Третото дете, Ливингстон (12), пристигна во 2013.

Како што пишува порталот hellomagazine.com, актерот неодамна открил и зошто во почетокот се плашел од бракот. Во еден поткаст признал дека на запросување всушност го „поттикнал“ тогаш 4-годишниот Леви, кој го прашал: „Зошто мама не е Меконахи?“ „Го гледам и мислам: човеку, имаш 4 години… но тоа беше добро прашање“, се присетил Метју со насмевка. „А потоа ме погледна и ме праша: ‘Дали ти е страв?’. И јас сфатив – да, веројатно и ми беше. Не сакав да го направам тоа затоа што така треба, туку кога ќе почувствуваме дека е време“.









